Активирај се | Создадено од вас |

Повеќе активности offline за повеќе дружење и ментално здравје

feat-img

Колку пати сте им се обратиле на пријателите да им кажете некоја новост, а од нив сте добиле само „мхм, мхм да, да…“ , со отсутен поглед наместо одговор? Знаете дека ништо не ве слушнале, така? Младите сè повеќе своето време го поминуваат користејќи ги социјалните мрежи. Во период на пандемија тоа беше единствениот начин да се дружат и меѓусебно да комуницираат. Но, сега, откако пандемијата е завршена, младите луѓе сè уште се опседнати со своите мобилни телефони. Колкав проблем претставува тоа во нивниот социјален живот и како истото може да се поправи?

Пред сѐ, главната улога во дружењето на младите ја имаат училиштата. Тие минуваат најголем дел од своето време таму, заедно со своите врсници. За време на наставата учат нови работи, а по часовите заминуваат дома продолжувајќи ја својата комуникација токму на социјалните мрежи. На прашањето зошто тинејџерите користат социјални медиуми, тие велат дека тоа ги прави да се чувствуваат помалку осамени. Дури 58% од тинејџерите сметаат дека се одвлечени од мобилниот телефон, а преку 50% преферираат комуникација преку социјалните мрежи – се вели во истражувањето на американскиот Универзитет во Минесота.

Еден од начините училиштата да помогнат во социјализацијата на учениците, е отворање на училишни клубови (секции), каде младите би можеле да го поминувале своето слободно време после училиште. Ваквиот вид на воннаставни активности значително ќе помогнат младите да запознаат нови пријатели, меѓусебно, физички да се дружат, а исто така и да стекнат и нови знаења за областа за која се заинтересирани. Скоро па сите средни училишта имаат секции како драмска, ликовна, јазична, спортска, но за разлика од минатото тие сега се одржуваат многу ретко или не се одржуваат воопшто. Еден од проблемите зошто нема многу заинтересирани ученици за секциите е тоа што тие не се доволно информирани за овие активности и за тоа како може да се вклучат во нив, па затоа и нема многу средношколци кои ги посетуваат.

Исто така сметам дека, во нашиот град недостасуваат места каде младите би можеле да се дружат. Секако дека има кафичи и дискотеки, но младите таму одат навечер, и тоа само за викенд. За подобра социјализација на младите, би можеле да се формираат активности во Градскиот парк, или пак да се донесе/направи забавен парк каде младите заедно со своите врсници би се дружеле и би поминувале време заедно. Освен Градскиот парк, во нашиот град има и Младински културен центар, каде младите освен што ќе се дружат, имаат можност да разменуваат идеи. Во склоп на МКЦ спаѓаат Планетариумот, Ап(о)тека – место каде може да се најдат работи кои не може да се купат во обичен шопинг центар, како плочи, книги, слики, ракотворби…, Кино Милениум, кафулето на МКЦ, Галерија, Хол на МКЦ, дебатен клуб…

На располагање секогаш се и извидничките одреди, волонтерските тимови на Црвениот крст каде покрај хуманитарните активности за помош на разни ранливи групи може да се научат и вештини како прва помош и спасување, или спортските и клубовите за изучување на некоја нова уметност или вештина… Како што препорачува и американската асоцијација на младински клубови, збогатувањето со нови искуства, вештини и ангажирањето во активности за доброто на заедницата во која живееме придонесува за проширување на социјалните кругови на пријатели и познанства, придонесува за позитивни промени и примери во општеството и конечно за одржување на добро ментално здравје, самодоверба и секако голем круг на пријатели.

Значи другари, активирајте се!

Автор: Тереза Кимова, СГГУГС „Здравко Цветковски” – Скопје