Правото без човечност е празна буква, насилството без одговорност е трагедија
Во време кога секој има свое мислење, но малкумина знаат да слушаат, потребно е да застанеме и да се запрашаме: каде одиме како општество и што навистина значи да бидеш човек денес? Правото е огледало на општеството, во него се рефлектираат сите наши вредности, стравови и противречности. Затоа, кога зборуваме за правда, не зборуваме само за закони, туку за луѓето и за нивните животи.
Насилството е тешка психичка состојба што се раѓа кога љубовта исчезнува, а стравот станува секојдневие. Многумина мислат дека насилството почнува со првиот удар, но вистината е дека најстрашното насилство почнува со тишина, со игнорирање, со понижување. Тоа е постепено кршење на личноста, невидлив процес што го брише достоинството, ја гаси самодовербата и ја изолира жртвата од светот. Секој збор изречен со презир, секое свесно одбивање на емпатија, секој вид контрола, се дел од истиот механизам на доминација. Насилството не е момент, тоа е систем што се одржува со страв, зависност и молк.
Како општество, имаме сериозен проблем со насилници кои без никакво сожалување го кршат достоинството на своите најблиски. Секој од нас има одговорност да биде глас на оние кои се заробени во тишината која секој ден полека ги убива, не само со удар, туку и со институционалната рамнодушност и општествената нечувствителност.
Затоа, борбата против насилството не започнува само со санкции и казни, туку со препознавање, со поддршка, со храброст да се проговори. Општеството што премолчува е соучесник. А правдата, за да биде вистинска, мора да ја штити жртвата, а не насилникот. Да зборуваме не е слабост, тоа е чин на отпор. Да пријавиме не е предавство, тоа е прв чекор кон ослободување. А да веруваме во жртвата значи да веруваме во правдата, човечноста и достоинството како темели на секоја вистинска правна држава.
Кога системот молчи, насилството добива дозвола да живее меѓу нас. Институциите мора да бидат отворено засолниште за секоја жртва, а не ѕид зад кој се крие бирократијата. Кога жртвата ќе собере храброст да проговори, не смее да биде пречекана со сомнеж, туку со разбирање и поддршка. Зашто, во моментот кога државата ќе замолчи, насилството победува. Ефективната правна заштита подразбира признавање и санкционирање на физичкото и психичкото насилство, како и воспоставување системски механизми за превенција, заштита, поддршка и реинтеграција на жртвата во општеството, со цел зачувување на нејзиното достоинство и целосна правна сигурност.
Прво, да изградиме емпатија. Потем ќе научиме да гледаме подлабоко зад стравот, зад тишината, зад насмевките што кријат болка. Само кога ќе почнеме да чувствуваме, ќе можеме вистински да разбереме. Институциите можат да спроведуваат закони, но само луѓето можат да создадат правда. Правдата не почнува во судниците, таа почнува во нашите срца, во начинот на кој реагираме кога некој страда. Нашиот глас е гласот на секоја жртва. Секое „доста е“ изговорено со храброст претставува чекор кон промена. Не смееме да чекаме совршен систем за да покажеме човечност. Правдата не е само законска категорија, туку морална обврска, одлука да не останеме рамнодушни, да реагираме, да подадеме рака. Дури тогаш, кога емпатијата ќе стане дел од нашата култура, а не исклучок во кризни моменти, ќе започнеме да градиме заедница што не се плаши да погледне во болката и да ја претвори во сила. Општество што не премолчува, туку разбира. Општество во кое правдата не е само судска пресуда, туку заедничка совест.
Ребека Иванова, член на Надзорниот одбор на Европското здружение на студентите по право (ELSA)

Оваа веб-страница е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени на оваа веб-страница не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.