Активирај се | Создадено од вас |

Предизвици на младите: Премногу или премалку домашна задача

feat-img

Луѓето обично сметаат дека домашните задачи се лесни, им помагаат на учениците да го вежбаат практичниот дел од учебниот материјал и да постигнат подобри резултати. Секој наставник има своја мерка колку домашна ќе им даде на учениците, а на секој ученик му треба различно време да ја реши.

Сметам дека домашната задача е нешто што наставниците го користат за да ги држат учениците зафатени и повеќе фокусирани на училишната работа. Но дали е тоа вистина? Истражувањата покажуваат дека учениците трошат повеќе од половина од своето слободно време на пишување домашна задача секој ден. Замислете, се враќате дома по поминати 7 часа во училиште и веднаш треба да седнете да продолжите уште неколку часа со пишување и решавање на домашни задачи! И тоа скоро секој ден.

Многу наставници даваат домашни кои потоа очекуваат да им бидат вратени решени за следниот час. Тоа предизвикува стрес кај учениците и влијае негативно на нивното ментално здравје. Исто така, одзема и значително време од социјалниот живот на младите со пријателите и семејството.

Спротивно на целта, многу домашни можат да доведат и до спротивното. До пониски резултати во училиштето. Истражувачите од  Факултетот за образование на американскиот универзитет Стенфорд направија анкета за домашните задачи. Резултатите укажуваат дека ако учениците поминуваат повеќе од два часа на пишување есеи или задачи дневно, тоа ги тера да ја изгубат мотивацијата да прават други работи, чувствуваат преоптовареност и стрес.

Во Финска веќе успешно функционира образовен систем со многу малку домашни и тестови, каде учениците со училишните активности се бават само три до четири часови во текот на училишниот ден со неколку паузи и одмори од 15-20 минути кога децата можат да играат надвор без оглед на времето. А сепак, учениците од Финска ги постигнуваат највисоките резултати за математика и наука во светот.  За споредба, на резултатите од PISA тестовите Финска е на 6-то, додека Македонија е на 65-то место .

Домашната задача им остава помалку време на децата да бидат деца. Учениците треба почесто да излегуваат надвор и да играат за да можат да растат и да се развиваат и да стекнуваат искуство.  Дополнително статистиката покажува дека повеќе физичка активност ги подобрува резултатите на учениците во училиштето. Затоа треба да се промени образованието, да има повеќе практична настава во рамките на училиштето и повеќе слободно време за младите.

Автор: Нина Здравева, средношколка во СУГС „Ѓорги Димитров“