Активирај се | Создадено од вас |

Презумпција на невиност паѓа побрзо од судските пресуди

feat-img

Новинарите се очите и ушите на јавноста. Тие се оние кои примаат илјадници информации со цел да ја издвојат најважната и пред сѐ вистинита, за да им ја презентираат на граѓаните. Но, некои новинари веруваат дека и самите факти се помалку важни од приказна која се „продава“. Таквите приказни кои најчесто известуваат за судски процеси, содржат и бројни недоследности, штуро објаснети и често неточни информации за целиот спор, со што се бранува јавноста и се создава невистинита слика за вклучените страни во спорот, како и за судството. Медиумите кои се главно средство за информирање на граѓаните за криминалот во државата често и несвесно ја прекршуваат презумпцијата на невиност. Секој е невин додека не се докаже спротивното! Парола со која се бранат криминалците, право загарантирано со Устав или пак нешто кое дел од новинари суптилно го прекршуваат?

Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија: „ Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.“ Односно, никој не смее да биде сметан за виновен за одредено кривично дело се додека судот ја утврди неговата вина. Но и заштитата на лични податоци е клучна за време на судските постапки. Во став (2) од член 2 од Закон за кривична постапка е предвидено: „Државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото од ставот (1) на овој член, а со своите изјави за во постапката што е во тек, не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност“.

Граѓаните се навикнати и сметаат дека е најнормално објавување на имиња и слики на сѐ уште неосудени лица, снимки од апсења, како и прикажување на било какви лични податоци на граѓани преку текстови на портали или пренесувања на телевизија. Реакцијата на јавноста многу често е осуда кон обвинетото лице како резултат на нецелосното и непрофесионално однесување на одредени медиуми.

„Врз база на тоа кршење на презумпцијата на невиност и етикетирање на мене како шпион, страдаше целото мое семејство, вклучително и моите родители и мојата сопруга. Медиумите мѐ имаа оцрнето на сите можни начини, а на крајот ми беше ускратено основното човеково право, медиумите да ја пренесат пораката, односно да пренесат дел од мојата одбрана“- вели Ване Цветанов, поранешен функционер и еден од обвинетите за афера, за Телевизија 24. Медиумите фрлите дамка врз сѐ уште неосудено лице, а на крајот од судот тој добил ослободителна пресуда.

Извор: Во наше име- презумпција на невиност- Телевизија 24

Аудио и видео снимки кои се споделуваат по медиумите, како и слики и лични податоци кои по било какво кривично дело кружат по медиумите, како и во поново време, по социјалните мрежи се прекршување на уставниот принцип на презумпцијата на невиност. Ваквите постапки, често може да придонесат за невистинита слика кај граѓаните, тргнувајќи од самиот факт дека не секоја информација е вистинита. Де факто, секојдневно сме сведоци на голем број информации кои и во суштина се дезинформации.

На 31.03 оваа година, голем број медиуми објавија дека во „Скопјанка“ се случува вооружен грабеж, информација споделувана и на социјалните мрежи, која всушност е дезинформација. На дел од медиумите кружеа исти информации: дека на терен биле 4 до 5 полициски возила и тоа од Интервентната полиција, имало зголемен број на полицајци, кои биле вооружени и со панцири, и дека грабежот го извршиле неколку лица, вооружени и со хируршки маски, а ваквите информации беа дополнети со слика, од очевидец, на која пак, не се видливи ваквите информации. Подоцна, истиот ден, други медиуми и МВР ги демантираа претходните информации и ја известија јавноста дека немало никаков вооружен грабеж кај „Скопјанка“ тој ден, односно, таму се одвивале полициски активности кои не биле поврзани со грабеж, додека тој ден две лица со закана со оружје ограбиле обложувалница во Бутел. Според член 8 од Кодексот на новинарите на Македонија : „Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

Меѓутоа, и кај дел од новинарите и јавноста како да е подзаборавено ова правило. Начинот на кој медиумите ја известуваат јавноста за кривичните дела доведува до создавање искривена и нереална слика за одреден чин во очите на јавноста, но и најважното за таргетираните, прекршувањето на презумпција на невиноста. Постојат и случаи во кои медиумите и новинарите биле злоупотребувани од страна на извршната власт за време на судски процеси, со што повторно било прекршено правото на презумција на невиност. Но, што доколку не станува збор за голем судски спор? Што ако не е во прашање криминалец или политичар?

Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) е невладина, неполитичка и непрофитна организација која се базира врз утврдување на јавни морални санкции за оние медиуми кои не ги почитуваат професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите. На нивната Web страница можат да се најдат 12 одлуки на жалби за прекршување на член 8 од Кодексот на новинари, односно членот со кој е регулирано правото на презумпција на невиност.

Од вкупно 560 основани жалби, во 9 од гореспоменатите 12 одлуки, освен член 8, биле прекршени и членовите 1, 5, 6, 7, 9 и 13 односно членовите со кој се регулира објавување точни и проверени информации, почитување на законите во државата, објавување информации за стекнување лична корист, почитување на приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, заштита на децата под 16 години и новинарот да прави разлика меѓу факти и мислење, вест и коментар. Права кои се тесно поврзани со презумпција на невиност. Нешто што е од особена важност е фактот што 11 од ваквите жалби доаѓаат од страна на обичните граѓани, а не од функционери или политичари кои учествувале во масовни судски процеси какви сме навикнати да слушаме на вести. Во жалбата од Слободан Стефановски било наведено дека биле прекршени членовите 5, 7 и 8 од Кодексот на новинари, кога преку интернет порталот „Буревесник“ во 2021 година биле објавени неговото име и презиме, место и адреса на живеење со датум на раѓање, наместо да се искористат само неговите иницијали, а биле и употребени зборови како : „коперникантски пресврт“, „убиство“, „третиот учесник“, „кобен лов“, „трагичен настан“, кои непотребно ја бранувале јавноста. Исклучително важно е да се напомене и дека кога ваквата медиумска содржина била објавена, судската постапка била во тек, а самиот жалител бил сведок во истата, што дополнително придонело за непотребно внимание во јавноста.

Одлуки за член 8 од Кодекс по години

Статистичките податоци од СЕММ покажуваат дека најмногу жалби имало во 2020 година, конкретно за член 8 од Кодекс на новинари ,  6 жалби. Најголем процент , 29,8% од поднесените жалби, биле од страна на граѓани, што повторно ни потврдува дека не само на учесниците во масовните судски процеси им се нарушени правата за фер и непристрасно известување и пренесување на информации од медиумите.

Во истражување спроведено од Институтот за европска политика, 42% од испитаниците сметаат дека медиумите ја почитуваат презумпцијата на невиност, а поголем дел од нив , односно 58% сметаат дека медиумите не ја почитуваат презумпцијата на невиност. Заклучокот е дека граѓаните сметаат дека почитувањето на презумпцијата на невиност е подобрена во 2021 година, во однос на 2020 година од страна на медиумите.

Во Македонија, најголем број на прекршување на презумпцијата на невиност имаше за време на големите судски постапки како за случаите „Тенк“, „Титаник“, „Рекет“, „Пајажина“, „Монструм“ итн. Но ,тоа не значи дека обичниот граѓанин е имун од овие прекршувања..

Оваа статија е само поттик повеќе за новинарите  правилно, фер, вистинито и пред сѐ согласно закон да известуваат за настаните во државата. Тргнувајќи од самиот факт дека тие се нашите очи и уши и дека не секоја информација е вистинита.

Даница Левкова, ученичка во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ од Штип