Активирај се | Создадено од вас |

Приказната е најважна, а магијата е во сликата и звукот

feat-img

Ана Јакимска, неодамна ја освои главната награда на Меѓународниот фестивал во Шпанија „Мекиненса“ за краткометражниот филм „Ќе дојдат децата“. И тоа во конкуренција од 25 филмови од 17 земји. Филмот претходно беше номиниран за најдобар краток филм на филмскиот фестивал во Шангај, Кина, а е прикажан и на неколку други фестивали во Јужна Африка, Мароко, Италија, Црна Гора, Албанија и Косови.

Добитник е и на единствената награда за нацрт-сценарио за долгометражниот филм, „Midnight train”, на фестивалот во Трст, Италија, на работилницата “Eastweek” во конкуренција од 10 пријавени проекти од европски земји. Како и на уште една награда за истиот филм во Чешка на меѓународната работилница за развој на сценарио „Midpoint”.

МЕДИУМ: Опишете се во неколку зборови.

ЈАКИМСКА: Не ги одбирам неудобните чевли само затоа што изгледаат добро.

МЕДИУМ: Што претставуваше мотив да се одлучите за режисерска кариера? Кој влијаеше, ве инспирираше ?

ЈАКИМСКА: Најпрво сакав да бидам писател и да пишувам проза. Потоа, во средно училиште ја открив фотографијата и моќта на визуелниот медиум да создаде емоција на многу поинаков начин од пишаниот збор и пишувањето веќе никогаш не ми беше доволно. Иако се уште понекогаш пишувам раскази, фокусирана сум на сценариото и филмот.

Faca na mesecot Ana JakimskaМЕДИУМ: Во вашиот проект, долгометражниот филм, со име “Midnight Train”, има сцени со возови.  Дали раскажува за железничката линија на релација Белград-Скопје-Солун ?

ЈАКИМСКА: Точно, филмот географски е лоциран токму во овие три градови: Белград, Скопје и Солун и ги следи приказните на три локални жени. Меѓународната железничка линија која ги спојува овие три градови функционира како артерија на филмот, односно, ги спојува и трите приказни.

МЕДИУМ: Потсетувајќи се на деновите во средно училиште, кој ви бил омилен филм тогаш ? Каков ви беше вкусот за филмови тогаш и сега ? Се смени ли нешто ?

ЈАКИМСКА: Средното училиште го завршив во гимназијата „НОВА“, каде што професорите уште од почеток ја препознаа мојата страст за уметност и ме поддржаа во мојот развој во оваа насока, за што сум им особено благодарна. Многу сакав да посетувам театар и кино, редовно следев се што се случува на локалната уметничка сцена. Тогаш ги откривав класиците и бев воодушевена од Кјубрик, Бергман и малку подоцна, Тарковски. Омилен филм ми беше “A Clockwork Orange” на Кјубрик, затоа што беше бунтовен и енергичен, но во исто време и внимателно стилизиран и елегантен. Уште ми се допаѓа тој уметнички израз, она што се нарекува панк аристократија.

МЕДИУМ: Вие, како режисер, одлично и фотографирате, што може да се види по Вашиот Инстаграм профил. Сметате ли дека филмот е поврзан со фотографијата, односно дека мора да се поседуваат двата талента истовремено ?

ЈАКИМСКА: Апсолутно. Филмот како аудиовизуелна уметност ги има само овие две алатки за да ја создаде целата магија: сликата и звукот. Не смее да постои компромис во поглед на филмската фотографија. Се разбира, ова не значи дека фотографијата мора секогаш да биде технички совршена, бидејќи некои филмски приказни бараат поинаков стилски израз. Но, таа мора секогаш да биде уметнички издржана и совршена за соодветната приказна што ја пренесува.

Faca na mesecot Ana Jakimska3МЕДИУМ: Дали чувствувате дека преку Вашите режисерски креации и филмови, светот добива поинаква слика за квалитетна македонска филмска сцена?

ЈАКИМСКА: Македонскиот филм е сѐ уште млад и во подем. Но, има квалитетни македонски автори кои веќе го ставија македонското кино на светската мапа. Тоа се автори на кои им се восхитувам и бескрајно ги почитувам. Она што мене ми е цел како режисер е да создадам филмови кои ќе бидат целосно инспирирани од македонската реалност, локални приказни за локални ликови, но кои во себе ќе носат универзалност која ќе може да биде препознаена и многу далеку од границите на нашата земја.

МЕДИУМ: Совет за младите кои сакаат да започнат режисерска кариера и нови филмски приказни?

ЈАКИМСКА: Најдоброто нешто што може да го направи за себе секој што сака да се занимава со режија е да биде храбар и веднаш да се обиде да сними краток филм: со помош на другарите од маало, семејството, соучениците, итн. Едноставно е, може да се снима и со мобилен телефон. Приказната е секогаш најважна.