Активирај се | Создадено од вас |

Професорка по тинејџерска револуција

feat-img

Ивана Крстиќ, II год. СУГС Гимнзија „Орце Николов“ – Скопје

Иако живееме во 21 век, век на информатичко општество, одлучив во форма на писмо да Ви го кажам тоа што не успеав пред точно една година. Една средношколка која пред сѐ се грижеше за својата оценка, па беше задлабочена во книгата – го поттисна во себе одговорот на Вашето провокативно прашање. Верувајте, не ме остави рамнодушна.

Пред 30-тина млади луѓе Вие поставивте едно прашање, на кое никој од нас не даде одговор. Знам дека искрата во вашите очи потајно се надеваше дека некој ќе собере храброст да го направи тоа. Затоа јас сум тука, после цела една година, со многу повеќе храброст, младешки ентузијазам и оптимизам, да Ви одговорам на прашањето кое ме испровоцира и ме претвори во она што сум сега. Ме поттикна да се стремам кон тоа да бидам креација која ќе докаже дека навистина го користи својот ум и се стреми кон тоа да работи за општеството во кое живее, притоа умеејќи да направи разлика.

Се сеќавам, бевме исплашени дека ќе испрашувате (сепак специјалност ни беше кампањско, а не редовно учење), па глумевме дека читаме, со цел да Ве убедиме дека колку толку знаеме нешто. И одеднаш го слушам гласот, со боја која искажува гордост и почит, но и искреност како вели: „Ми недостасува вашиот оптимизам деца, вашата младешка храброст. Смелоста со која ги извршувате сите задачи, активности, ги решавате вашите проблеми. Начинот на кој реагирате против нештата кои не ви се допаѓаат, но и начинот на кои се заблагодарувате. Каде сте сакани млади мои луѓе, се изгубивте ли во предизвиците што ги носи новото време?“ Ме „треснавте од земја“ почитувана професорке! Не собрав храброст тогаш кога требаше, но предизвикавте револуција во мене. Долготрајна револуција за вистинската „јас“ во онаа младешка верзија во која секогаш се замислував.

Горда сум, професоке, на својата генерација и на секоја пред и после неа. На секоја генерација на која и се дава епитетот „изобличена“, на секоја која се доживува како поинаква.

Горда сум на начинот на кои искажуваат незадоволство и покажуваат благодарност. Тивко и креативно или гласно и забележано.

Горда сум на сите млади единки кои имаат прилично тешка задача – да бидат носители на нови идеи и да бидат втемелувачи на новите вредности во општеството. Можеби тие сѐ уште не ги започнале промените, но значајно ги модифицираат одлуките што не ги поддржуваат. Тие се претвораат во млади, отворени, комуникативни луѓе, се бунат, творат, коментираат. Креираат вредност во различни околности и различно време. Улогата секогаш ни остана иста и ја исполнуваме. Онолку колку што можеме да се носиме со промените и во чекор со времето.

А која е нашата улога? Да ве шармираме со нашиот оптимизам, да ве воодушевиме со нашата истрајност и упорност и да создадеме подобро општество за сите кои се дел од него.

И да, недостасуваат луѓе како Вас, кои ќе ги будат нашите малечки срца, ќе нѐ потсетат дека сме млади и дека за нас не постојат никакви oграничувања!