Активирај се | Создадено од вас |

Прво полугодие без учебници, но со закани за бомби

feat-img

Полугодието почна со приемни тестирања во некои училишта, продолжи без учебници, а завршува со закани за поставени бомби

Учебната година почна со повеќе проблеми за учениците од сите возрасти. Првиот проблем се појави при упис во средното образование. Во некои училишта учениците мораа да полагаат приемен испит, потоа училишната година продолжи со старо-новиот проблем на немање учебници, а сега со недели актуелни се заканите за поставени бомби.

Големиот интерес за упис во СУГС„Орце Николов“ беше причина за полагање приемен испит, на кој учениците не покажаа одлични резултати, што предизвика критика и напад од јавноста кон нас.

Можеби критиката беше повеќе насочена кон образовниот систем, но нашата генерација се почувствува директно нападната. Во јавноста почнаа да се поставуваат прашања дали оценките од основно училиште се реални. Таквата дебата поттикна и други средни училишта, како на пример, економското средно училиште „Васил Антевски-Дрен“ да спроведат тестирање.

По уписите следуваше истиот проблем како и претходните учебни години- недостатокот на учебници. Поради ова сме принудени да ги печатиме учебниците кои може да ги најдеме на интернет, но уште поголем проблем е што не сите ученици имаат принтер, а дел пак  воопшто немаат пари за принтање. Ова пракса всушност е прекршување на “Законот за учебници за основно и средно образование“ во кој се наведува дека  „учебниците за учениците во јавните основни и средни училишта се бесплатни“

„Дополнителен проблем е и начинот на кој треба да ги обезбедиме материјалите за учење- или преку фотографии од учебниците или преку принтање “- вели Д. М- ученик од Гимназија СУГС „Орце Николов“

По проблемите при уписот и учебниците кои се уште ги немаме, ниту еден  ученик не помисли дека би можело да се случи нешто полошо. Но, се појавија заканите за бомби. Тие во почетокот не ни предизвикуваа страв, но што почесто се појавуваа нашата несигурност и страв се зголемија.

Заканите се испраќаат во многу средни и основни училишта, а по секоја порака дека е поставена бомба, следува евакуација на целото училиште. Професорите придружени со обезбедување ги испразнуваат училниците една по една, а веќе се направени и планови за евакуација.

Бидејќи заканите се испраќаат додека трае наставата многу ученици се обврзани да присуствуваат на дополнителна настава за да го надоместат материјалот.

За да им се олесни стресниот период на учениците во некои училишта професорите организираат работилници за ментално здравје, како што направија професорката по германски јазик Билјана Штрбац заедно со други професори во Гимназија СУГС „Орце Николов“.

На работилницата професорите даваа предлози, но и ги слушаа проблемите и идеите на самите ученици.

„Ова беше напорен и стресен период за сите ученици кој предизвика многу страв, несигурност и желба за поголема безбедност”- вели Г. А-ученик од Гимназија СУГС “Орце Николов”

Автор: Горјан Азманов, средношколец во СУГС „Орце Николов“