Активирај се | Создадено од вас |

„Рециклирав, а со фотографирањето ги предизвикав и пријателите“

feat-img

На средношколката Маја, фотографирањето и е хоби и за него го искористува секое слободно време, а го искористила и за да ги внесе своите пријатели во предизвикот да рециклираат. Тоа истовремено, вели таа, е и забавни и корисно.

Маја Вуевска е ученичка во средното училиште „Орце Николов“, во билингвалната паралелка, веќе трета година. Покрај обврските поврзани со училиште, таа е и младинска активистка, дебатерка и се залага против климатските промени.

За време на Еразмус+ проектот со наслов „Fit For The Future“ кој се одвиваше во СУГС „Орце Николов“, Maja заедно со други учесници, беше иницијатор предизвикот кој во последно време стана вирален, наречен #TrashTag, да се одвива во училиштето. Таа секој ден по завршување со активностите, внимателно го селектираше отпадот кој го правеа учениците и го носеше да се рециклира.

Професорките од „Орце“, Елизабета Поповска, Виолета Толева и Ана Попризова, координатори на проектот „Fit For The Future“, ја поддржаа иницијативата на Маја, во време на глобално затоплување, климатски промени и природни катастрофи и ја зголемија еколошката свесност кај младите учесници овозможувајќи соодветни материјали за селекција. Решија да придонесат кон борбата за почиста околина.

„МЕДИУМ“: Од кога рециклираш?

reciklirav predizvik foto vnatreМАЈА: Не се сеќавам на конкретна година, но уште од кога знам за себе  моите родители ми го имаат врежано рециклирањето како навика. Уште како мала ги гледав како го селектираат отпадот каде и да се, па и јас понатаму го стекнав тоа чувство на свесност за природата и околината. Верувам дека многу е важно опкружувањето за личности кои се развиваат, затоа што на тој начин се влијае позитивно или негативно.

„МЕДИУМ“: Зошто го селектираш отпадот и рециклираш?

МАЈА: Рециклирам бидејќи се грижам за природата. За мене природата не е обична именка, таа има огромно значење.Сметам дека тоа е важно за нас и нашата иднина. Со самото рециклирање на отпадот се намалува продукцијата на непотребни материјали и предмети кои се фрлани од страна на луѓето во природата и кои го оштетуваат и домот на животните, а воедно и нашиот.

„МЕДИУМ“: Што е #ТrashТag?

МАЈА: #ТrashTag е еден вид на предизвик која има станато многу популарен последниве години на социјалните мрежи. Ова е извонреден начин на кој можат да се искористат социјалните мрежи за позитивни промени. Ги поттикнува луѓето да го соберат отпадот околу нив и едноставно да се фотографираат со него и да го постираат тоа на нивните профили.

„МЕДИУМ“: Како можат и другите да се приклучат и помогнат?

МАЈА: Ова е индивидуален предизвик и е самоиницијативен. Може да се направи самостојно или со повеќе луѓе на една фотографија. Треба да се крене свеста на луѓето за штетата која ја предизвикува нерециклирањето. Затоа одлучно кажувам дека треба да има повеќе акции како #ТrashТag кои можат да бидат и едукативни за младите, а и воедно забавни.

„МЕДИУМ“: Како реши да се приклучиш?

МАЈА: Јас во слободно време фотографирам и сакам да ја користам фотографијата не само како уметничко изразување, туку и како алатка за социјална промена. Решив да се приклучам кога за првпат се затекнав со овој таг. И претходно рециклирав, но ова беше начин да ги внесам моите пријатели во рециклирањето преку интересен предизвик, што можам да кажам дека е успешен и делува. Бидејќи колку и да се чуствуваме мало во овој голем свет секој човек може да направи некаква промена која може да делува позитивно и за него и за средината.

Автор: Стефан Митиќ, СУГС „Орце Николов“