Активирај се | Создадено од вас |

Сакам да глумам сѐ додека ме држат коленава

feat-img

Средношколци од „Карев“ го интервјуираа актерот Атанас Атанасовски.

Кога ќе се споменат театарот и комедијата, неговото име е едно од првите кое ќе им падне на ум, пред сѐ на младите генерации. Пред неколку дена публиката можеше да го види и во премиерата на претставата „Сон на летната ноќ“, а во април треба да излезе и филмот во којшто тој ја игра неговата прва филмска улога. Секогаш расположениот Атанас Атанасовски, за овој број на „Медиум“, во Театар Комедија пречека група средношколци, со кои разговараше за своите почетоци, тремата, плановите за во иднина, но им порача и да се водат според мотото „Ако не сега, кога?“.

Кое беше вашето прво искуство со глумата, вашата прва претстава?

Тогаш беше актуелна претставата „Буре барут“, се играше во тогашен МНТ Центар кој беше сместен во денешните простории каде што се наоѓа Театар Комедија. Ми беше една од омилените претстави, ја гледавме над 50 пати со мојот најдобар другар Дарко Богоески, кој всушност и ме „натера“ да дојдам во детското драмско студио. Па кога Магдалена нѐ праша што сакаме да работиме ние ѝ рековме „Буре барут“. Не направивме добра претстава, сепак беше аматерски и само ги имитиравме луѓето кои ги гледавме на сцена.

Дали уште оттогаш сакавте да глумите во комедии?

DSCN4988Не, тогаш не бев сигурен дека сакам комедии, ама сфатив дека повеќе ми лежат, посмешен сум, не сум толку сериозен. Меѓутоа, подоцна откако се запишав на Факултетот за драмски уметности, додека ми траеја студиите имаше различни методи на настава, учевме за разни типови жанрови, а не само за комедија. Кога ги завршив студиите се отвори и Театар Комедија, па ми се даде огромна можност да бидам еден од првите вработени во овој театар.

Од претставите кои денес се актуелни во театрите кај нас, во која би сакале да глумите, а сте немале можност за тоа?

Па, не знам. Но ете, од оние што сега во моментов се актуелни би ја спомнал „Животот е прекрасен“ на Морфов.

Дали сте глумеле на некоја странска театарска сцена или во некој филм?

Да, сум играл на сцената на Драмски театар. Се шегувам, не немам време и не знам дали ќе имам можност. За да играш на странска сцена, на пример во Србија, треба да го знаеш јазикот перфектно. Во глумата нема импровизација, се работи за јазик, во театар јазикот е најглавен, пишаниот збор, односно драматургот. Кога станува збор за филмовите, досега сум снимил еден филм. Засега е еден и единствен, станува збор за „Ах, љубов моја“ правен според првата претстава на Театар Комедија. Го режира Коле Ангеловски и треба да излезе во април.

А, кој е вашиот филтер?

Пливањето. Тоа е мојот свет каде што се изолирам од сѐ друго, бидејќи на тој начин сум само јас и водата, глуво е сѐ. И моето тело и мојата психолошка состојба.

DSCN4943Во која улога што сте ја играле се пронаоѓате и дали планирате вашата кариера да ја продолжите тука?

Не можам да кажам дека се пронаоѓам во некоја улога, сите што ги глумам се идиоти. Кога станува збор за иднината, планирам да останам тука бидејќи имаме совршена ситуација. Театарот постои пет години и многу се разви за тој период, салите се полни и сакам додека ме држат коленава да останам овде каде што сум.

Дали расте интересот кај публиката да доаѓа во театар?

Искрено, не знам како било порано пред да почнам да работам. Мене како млад актер ми е интересно, бидејќи на нашата билетарница се случувало да се продадат и 800 карти за ден и пол. Постои желба, веројатно општеството има проблем затоа што е отруено со туѓи проблеми и бара свој начин да се справи со нив, па луѓето доаѓаат тука да се насмеат, да дадат аплауз, да сменат нешто од сивилото што го гледаат. Театарот постои 2000 години, тој никогаш нема да згасне. Ова е 3Д-уметност, во живо доаѓаат луѓе да глумат за тебе. Телевизијата на некој начин те лаже, се изменуваат кадри, сцени и секакви чуда и ефекти, додека во театарот нема ништо такво, овде е жива вистина. Рефлектори, актер на сцена, и вие гледате од темницата.

Како и секој почетник сигурно порано сте имале трема пред настапите, но ја имате ли и денес?

DSCN4958Секогаш, не може без тремата. Тремата е, всушност, многу незгодна гранка, затоа што кога ќе ја отвориш на Википедија или каде било на Интернет и да прочиташ нешто за неа, ќе ти излезат само симптомите што ни се познати на сите, како што се испотени раце, грчење на гласот, губење свест и такви работи. Но никој не дава корисно решение, односно не кажува како да се справиме со тоа. Значи, трема е, всушност, страв од неуспех, но без страв од неуспех нема успех. Трема секогаш мора да има каква било, опасна е кога те блокира, ама со искуството учиш и како да ја „хендлаш“. Јас имам трема пред секој јавен настап, пред секоја појава пред луѓе. Еве и сега имам трема за ова интервју, бидејќи вие сте многу луѓе, а јас треба да кажам нешто. Но се разбира, ова е позитивна трема.

Како се снаоѓате кога ќе го заборавите текстот на сцена?

Мораш да импровизираш. Лесно е кај нас актерите, бидејќи ти се соживуваш со ликот, ако го заборавиш текстот ти сепак знаеш кај си. Секако тука е суфлерката или колегата да те врати. Но не се случува само да го заборавиме текстот, ова е жива материја, тоа е интересното, секоја вечер одново го создаваме светот, ниедна претстава не може да биде иста како претходната.

Дали имате некој совет за оние кои сакаат да се занимаваат со глума?

DSCN4937Па ако може не се занимавајте со ова. Зошто да си ја „акаш“ главата, да бидеш нервозен, да не можеш да размислуваш како нормален човек? Кога можеш да си работиш во банка, да си дојдеш дома во четири часот, да јадеш со семејството, со жена ти… Во нашата професија се работи 24 часа, па на идните актери можам да им кажам само – со среќа!

Веќе неколку години ве гледаме и на манифестацијата „Златна Бубамара“, како е да се биде дел од неа, дел од тој тим?

Тоа е една манифестација каде што мораш да зборуваш нешто и да кажеш нешто за некоја актуелна тема, треба да разговараш со луѓето. На таа сцена е многу различно од театарот, затоа што се снима и плус има огромен аудиториум, во живо те гледаат над две илјади луѓе. Секоја година е исто, а возбудата е многу поголема бидејќи трае пократко и не сум многу сигурен за тоа што го правам на сцена. Има прекрасна екипа која работи за манифестацијата да изгледа добро, тоа е огромна организација, доаѓаат бендови од целиот свет, актери, пејачи, кореографи и сѐ мора да биде добро организирано. Можам да кажам дека сме една другарска екипа.

Автори: Росана Дабевска, Горјан Трајковски, Анастасија Јуруковска, Кате Јосовиќ, Илија Бабунски, Ева Свирева, Марин Маријановиќ, Ива Милосављевиќ, ученици во СУГС „Никола Карев“, Скопје
Фотографија: Теодора Дучевска