Активирај се | Создадено од вас |

Се одржа манифестација за негување на македонскиот јазик

feat-img

„Твориме, создаваме и зборуваме на македонски јазик“ е мотото на овогодишната манифестација што ја организираше средното училиште „Арсени Јовков“ од Скопје.

manifestacija11Станува збор за настан кој пред две недели се одржа во Драмскиот театар, а како што објаснуваат организаторите, главната цел е да се посочи потребата од негување и зачувување на македонскиот идентитет, односно македонскиот јазик кај најмладите, како и нивно насочување кон правилна употреба на македонскиот литературен стандарден јазик.

– Напливот од англицизмите, дијалектите, сленгот и жаргонот сѐ почесто претставуваат форми на јазикот со кој младите комуницираат. А клучот на нашето постоење е токму јазикот, бидејќи тој го претставува нашиот идентитет и се смета за животворен елемент на една нација – вели Јованка Лековска, директорка во СЕПУГС „Арсени Јовков“.
Таа истакнува дека јазикот е основниот идентитет по кој се препознаваме, по кој се идентификуваме.
– Нашите предци ни оставија во аманет да ги чуваме и негуваме нашата култура, традиција, обичаи, но и македонскиот јазик – вели Лековска.

Според организаторите, во програмата се опфатени повеќе сегменти од јазикот и неговата употреба, преку соодветни драматизации на македонски јазик во македонската поезија, македонскиот роман, македонскиот филм, македонската музика, во клише муабетите, во практиката, користењето на сленгот и дијалектите во секојдневната комуникација, англицизмите и термините од технологијата.

Влезниците за манифестацијата чинеа 50 денари, а сите собрани средства беа донирани за децата без родители од интернатот во ОУ „Гоце Делчев“ во Љубанци.

Розита Закева