Секоја дигитална алатка е потребна, но потребна е и разумна употреба
Горан Манев е професор по информатика во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Со своите ученици работи на што подобра и поквалитетна едукација за дигиталната писменост.
Денес сè повеќе слушаме за дигитална писменост и за тоа колку сме дигитално (не)писмени. Постои ли дефиниција за дигитална писменост? Што всушност значи тоа?
Тоа не е само умеење да се користи компјутер и Интернет, туку и способност ефективно и критички да се комуницира, да се учи и да се создава во дигитална средина. Оваа способност вклучува технички вештини (користење софтвер, пребарување информации), информациска писменост (евалуација на извори, препознавање дезинформации), дигитална етика (почитување на авторските права, безбедност на мрежата) и креативност (создавање на дигитална содржина).
Дали мислите дека дигиталната писменост е важна за сите возрасти?
Во денешно време, дигиталните вештини се неопходни, не само за учениците и професионалците, туку и во секојдневниот живот. За младите, дигиталната писменост значи стекнување вештини за пребарување информации, критичко размислување и заштита на приватноста. За возрасните и постарите лица, таа може да ги направи поинформирани, независни и способни да комуницираат и да се справуваат со секојдневните задачи преку дигитални алатки. Дигиталната писменост им овозможува на сите да останат вклучени во општеството и да се прилагодат на постојаните технолошки промени, што е клучно за личен и професионален развој.
Дали сметате дека е потребно да се биде дигитално писмен во денешно време и зошто?
И повеќе од потребнo од следниве причини: Прво, тоа е глобализацијата и дигитализацијата. Светот сè повеќе е поврзан и дигитализиран. Од комуникација до работа, па дури и до основни секојдневни активности, дигиталните алатки се неопходни.
Потоа е пристапот до информации. Интернет ни овозможува да пристапиме до огромна количина на информации. Но, за да можеме да ги филтрираме, да ги оценуваме и да ги користиме овие информации, потребно е да бидеме дигитално писмени.
Следни се комуникацијата и соработката. Дигиталните алатки ни овозможуваат да комуницираме и соработуваме со луѓе од целиот свет. За да можеме ефективно да го правиме тоа, потребно е да владееме со соодветните дигитални вештини.
Понатаму се образованието и учењето: Дигиталните алатки го револуционизираат образованието. Онлајн курсевите, платформите за учење и дигиталните учебници се секојдневие. За да можеме да ги искористиме овие можности, мораме да бидеме дигитално писмени.
И на крај, да го споменеме и економскиот развој. Дигиталните вештини се многу барани на пазарот на трудот. Компаниите бараат вработени кои можат да работат со дигитални алатки и да се адаптираат на промените.
Кои се вашите омилени дигитални алатки или платформи кои ги користите во наставата и зошто?
Предавам информатика, информатичка технологија и програмски јазици, па мора да користам алатки и платформи. Би издвоил неколку од поважните: Google Workspace е неопходен за организација и комуникација. Ми помага да организирам и управувам со учебните материјали. Соработувам со учениците преку Google Drive, Forms, Docs, Sheets и Slides, што им овозможува да работат заедно во реално време на проекти и презентации.
Canva е моќна алатка за визуелизации, дизајнирање на веб-страници, презентации, плакати, брошури и креативни задачи што го поттикнуваат креативниот израз кај учениците.
MagicSchoolAI е одличен за интерактивно учење, бидејќи им овозможува на учениците персонализирани искуства и брзи одговори користејќи вештачка интелигенција.
Pixlr е практичен за обработка на слики и за развивање на дигитални вештини преку едноставни и напредни функции за уредување на фотографии.
Bit.ly е алатка за креирање кратки и лесни за помнење линкови до ресурси на информации (bit.ly/DigitalnaPismenostDoc до Google Docs документот од ова интервју) како и мали веб-страници (bit.ly/m/soujj) т.н. биосајтови за чување на често користени линкови.
Со кои предизвици се соочуваат Вашите ученици при користење на дигиталните медиуми и алатки?
Еден од главните предизвици е различното ниво на технолошка писменост кај учениците. Некои лесно ги совладуваат алатките, додека на други им треба повеќе време и помош. Понекогаш, техничките проблеми како нестабилна интернет врска или непредвидени грешки во алатките го отежнуваат текот на наставата. Затоа, имам алтернативни начини на предавање-класична дискусија и разговор.
Дали некогаш сте се соочиле со дезинформација? Како го решивте тоа?
Па тоа секојдневно се случува и тогаш малку повеќе користам „здрав разум“ и секако, проверка кај други извори на информации.
Кои безбедносни мерки ги преземате за да ги заштитите вашите податоци онлајн?
Користам силни и уникатни лозинки за секоја платформа, кои редовно ги менувам. За складирање на податоците, користам платформи со високо ниво на енкрипција, како Google Workspace, кои обезбедуваат заштита на податоците.
Интернетот изобилува со безброј информации и податоци. Обременети сме со потребни, но и со непотребни содржини. Како Вие ги проверувате информациите што ги наоѓате онлајн?
Се трудам да ги споредам информациите од повеќе доверливи извори, како официјални образовни или научни веб-страници и реномирани медиуми. Ги проверувам авторите и изворите на содржините за нивната релевантност и експертиза.
Како ги разликувате квалитетните од неквалитетните онлајн содржини?
Прво, го проверувам авторитетот на изворот и авторот – дали е тоа реномирана институција или лице со експертиза во соодветната област. Второ, го анализирам стилот на пишување – квалитетната содржина обично е јасна, добро структуирана и со објективен тон. Исто така, внимавам на релевантноста и датумот на објавување, особено во технолошките и научните теми каде што информациите брзо се менуваат. Дополнително, секогаш се трудам да ги споредам фактите од повеќе доверливи извори за да потврдам нивна точност.
Како влијае дигиталната писменост на Вашиот начин на размислување и критичко размислување?
Го поттикнува моето критичко размислување. Бидејќи имам пристап до обемни информации и различни перспективи онлајн, научив да бидам внимателен и аналитичен при проценката на содржините. Критички размислувам за тоа од каде доаѓаат информациите, кој ги објавува и со каква цел. Дигиталната писменост ми помогна и во развојот на способностите за брза и ефективна проверка на факти, што ми е корисно не само во наставата туку и во секојдневното донесување одлуки.
Како би ја оцениле Вашата дигитална писменост на скала од 1 до 10?
Да речеме, 8 од 10. Иако сум многу запознаен со дигиталните алатки и практики што се потребни за ефикасна настава и постојано ги користам и за учење и за работа, секогаш има простор за унапредување. Технологијата брзо се развива и затоа редовно се трудам да ги проширувам моите вештини и знаења со нови алатки и трендови за да останам актуелен и ефективен во наставата.
Какви промени би сакале да видите во дигиталната едукација во училиштата и на универзитетите?
Би сакал повеќе интеграција на практични и интерактивни елементи во дигиталната едукација. Ова вклучува повеќе проекти и задачи што ги поврзуваат теоретските концепти со реалниот свет, што ќе им помогне на учениците и на студентите да ги применат своите знаења. Исто така, би сакал да видам поголем акцент на критичкото размислување и решавањето проблеми, со вклучување на алатки за симулации и колаборативно учење. Дополнително, едукаторите и наставниците би требало да добијат повеќе обуки и ресурси за ефективно користење на дигитални алатки, за да можат да ги ангажираат учениците на иновативни начини. На крај, би сакал да се нагласи важноста на дигиталната безбедност и етика, за да се осигура дека учениците се свесни за ризиците и одговорностите при користењето на Интернетот.
За крај, зошто учениците, а и возрасните пишуваат на македонски јазик со латинично писмо? Дали има начин да го промениме тоа?
Затоа што не се доволно дигитално писмени. Возрасните, пред појавата на мобилните телефони користеа тастатури на компјутери и тешко им беше да ги најдат кириличните букви што ги нема во латиницата, па им остана таа навика да пишуват на латиница. А учениците учат од возрасните и покрај тоа што сè повеќе време се на телефоните каде има посебна кирилична тастатура. Немаше кој да им ја наметне таа навика. Еве предизвик до вас младите: на часовите по македонски јазик и говорење и пишување, дајте идеи како да се промени оваа навика, со слогани, брошури, плакати, кои ќе ги направиме на часовите по информатика, за да се промени свеста за употреба на кирилицата во пишаната дигитална комуникација.
Автор: Анастасија Атанасова, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија