Што кога си млад, но со страв?
Николија Пехчевска, СУГС „Орце Николов“, Скопје
Ноември е, понекогаш ладно, понекогаш топло, празно е. Мириса на грижи, бессоница и недостиг од восхит. Постојано чади од сите страни, а половина дрвја останаа голи, сончевиот зрак ни е скапоцен, затоа што ретко кој може да го пронајде, тешко му е да се пробие низ маглата, а луѓето одбиваат да му помогнат.
На градот му фалат бои, речиси е безживотен, на многумина им е здодевен, но и покрај сè стануваме, се дотеруваме, се движиме, водиме празни муабети и често забораваме да ги довршиме. Сакаме механички, речиси без трошка љубов во нас, се плашиме од страста, од новите знаења, од предизвиците и се чувствуваме безбедно живеејќи во лага, бараме начини да преживееме, а ретко кој од нас умее да живее. Повеќето животи се еднолични, некои имаат многу, а некои немаат воопшто ништо, но немаштијата знае да се мери на неколку начини, многумина немаат причина за уште, но тоа очекувам да се смени.
Ваквиот живот е незаслужена казна на младите, нам ни е потребно да сонуваме, да читаме, истражуваме и да го осознаваме светот надвор од границите на училишната клупа. Потребно ни е да ги почувствуваме различностите за да ги цениме, зашто само така заедно ќе живееме. Потребно ни е да знаеме што ѝ се случува на природата за да најдеме начини како да ја зачуваме и негуваме, потребно е да знаеме со кои проблеми се соочува врсникот во Палестина, Америка, од соседните држави, од Русија, Кина, за да сфатиме дека сите вредиме исто, си требаме едни на други и да ставиме крај на сите овие војни, да размислуваме критички, да градиме карактери и да дејствуваме креативно, со сопствена свест, бидејќи само така се надминува врвот.
И впрочем не само на градот, туку на целата планета ѝ се потребни херои, бунтовници – подготвени да скокнат во непознати води, а имаме потреба и од вода, зашто улиците се нечисти, иако само некому тоа знае да му пречи. Можеби еден ден ќе надојде силен дожд и ќе однесе сè, можеби така ќе бидеме посреќни, а некои можеби само побесни. Најверојатно најдобро би било да се освестиме, немаме многу време пред да исчезнеме.