Активирај се | Создадено од вас |

Што научив од „Медиум“?

feat-img

Почетокот на средношколското образование ми беше период на себепронаоѓање. Отсекогаш ми се допаѓало да пишувам, изразувајќи се само преку есеите на училиште, сѐ до еден момент кога мојата професорка Тамара Ќупева ме праша дали сакам да напишам текст за средношколскиот весник „Медиум“. Без размислување прифатив. Таа љубов кон пишувањето за „Медиум“ се вроди толку брзо и остана до ден денес. Не очекував дека соработката со луѓето од „Медиум“ ќе имаат толкаво влијание да ме изградат во личноста која што сум денес. Професорке, Ви благодарам што го препознавте потенцијалот во мене.

Македонскиот образовен систем не создава простор учениците да ги развиваат своите афинитети. Системот не создава генерации подготвени на секакви предизвици, луѓе мотивирани да направат некаква промена. Но затоа, најважно е учеството во воннаставни активности кои го градат тој дел од човекот што образовниот систем не успева. И, навистина ми е мило се става огромен акцент на таквите активности, затоа што знаењето, вештините, разбирањето и почитта која се добива од луѓето вклучени во вакви активности е непроценлива. Се чувствувам како активен граѓанин на заедницата кој придонесува таа да се развива кон подобро.

Живееме во општество каде интернетот е во подем, а медиумите како што се радиото, телевизијата и печатот полека но сигурно се заменуваат со нови дигитални платформи. Повеќе од кога било, важно е да сфатиме како функционираат медиумите, какви пораки пренесуваат и какво влијание имаат врз нас.

Затоа е важно е да сме МЕДИУМСКИ ПИСМЕНИ. Но, како? Пишувајќи колумни, информативни текстови, интервјуа, вести, репортажи, учествувајќи во „Медиумските денови“, на Камповите за медиумска писменост што ги организираше Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а сега и Институтот за комуникациски студии го согледав клучното значење на медиумската писменост како способност критички да се пристапи, анализира, создава и користи некоја медиумска содржина. Благодарение на „Медиум“ научив како да ги препознавам вистинските вести од лажните. Научив како да проверувам факти од различни извори, како да ја препознаам пораката на некој текст. Сега располагам со потребните вештини на еден новинар.

Им благодарам на Александра, Жанета, Лејла, Моника, Дејан и многу други луѓе вклучени во создавањето на првиот и единствен средношколски весник во државава што создадоа простор за да се искажам. Ми дадоа платформа каде можам да ги усовршам своите новинарски вештини и позитивно да влијаам на соучениците активно да се вклучат во активностите кои им се ним важни и да се изградат како цврсти, квалитетни луѓе способни да се справат со проблемите.

Средношколци, вклучувајте се што повеќе во активности како „Медиум“! Разбивајте ја стигмата дека средношколците се апатични. Продолжете да се развивате во модерни, активни и критични граѓани.

Стефан Митиќ, матурант во гимназијата „Орце Николов“, Скопје