Системот ги исфрли генерациите во провалија

Да ви ги откријам тајните муабети што ги водиме во провалијата. Прво, се водат тајно затоа што нема кому да ги кажеме гласно, а второ, бидејќи секогаш за другите сме поубави кога молчиме.
Живееме во систем каде што сè е точно определено и испланирано, каде што спонтаноста е криминал и начинот на облекување е показател каква е личноста. Од дома нè учат дека е подобро кога не си трн во око, побрзо ќе стигнеш до резултат. За чиј резултат зборуваме? За вашиот или нашиот?
Затоа што нашите желби се промени и гласна револуција, а нашиот резултат сакаме да биде светла иднина во која секој ќе може да биде свој без да биде осудуван. За нас е резултат и кога ќе учиш што сакаш, без да се плашиш дека нема работа.
Сите велат дека иднината е на младите, но ако зборуваме и реагираме гласно тогаш велат: „Млади се, не знаат што зборуваат“.
Така, кога треба да се формираме како личности нѐ сместувате во еден калап. Тој е многу тесен, но ако, нели, бидејќи кога ќе се „формираме“ во него, не е тешко да молчиме. Молчиме и седиме во положбата во која нѐ оставиле, зашто не сме мрдале, не сме претале додека ни ја кроеле судбината. Сите нè сместувате во еден кош, иако секој е свој и премногу различен за да се изедначува со сите.
Затоа денес многу млади себеси се сметаат за неспособни заради тоа што, на пример, не ги знаат теоремите на Питагора или законите на Исак Њутн. Но знајте дека секој од нас младите е способен за нешто, секој од нас е добар во нешто и претставува посебна категорија.
Не, не си одат младите бидејќи немаат пари, си одат бидејќи не можат самите себеси да се формираат онака како што тие сакаат и чувствуваат.
Елена Соколоска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп