Слобода, предрасуди и смрт на инидивидуалноста
Елизабета Коцарева, IV-2, СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш
Мисли и тела оставени да се движат низ пранги на застарено патријархално општество. Дури и архитектурата наоколу ни е во правопропорционален сооднос со општествените ставови во кои сме заробени. Монотони трубења на вести, секој ден, ексклузивно во истиот термин, после ручек и за време на вечера.
Ги гледаш главите на своите родители како кимаат махинално во знак на согласност пред некоја „бомбастична“ и „ексклузивна“ реклама од која „колективното несвесно“, свесно го прима говорот на омраза, прикриен со излитен и заостанат лажен морал и етика. И во таа глетка си го собираш умот во главчето и со експресна брзина бегаш од собата, за да не го испуштиш случајно во процесот на вакумирање или не дај боже втората фаза на „брендирање“ на тетрапакот во кој ги пакуваат мислите. Ама знаеш дека твоите другари не успеале на време да излезат од дневниот престој. И знаеш дека утре ќе треба да ги насочиш мислите кон нивните, за да се сретнат на иста фреквенција каде што се прекинуваат брановите на здраворазумно мислење.
И сите разговори и мисли истекуваат кон моментот кога таткото му кажа на синот: „Убиј ги металците, скинерите, поетите и уметниците, клошарите и побудите и желбите и соновите, сине.“ Зошто така беше речено и пишано, зошто така било и треба да биде. Ако сакаш да си мој, зошто не можеш да бидеш свој.
А ние сме сите од толпата и за неа. Од неа доаѓаме и во неа остануваме, умираме. Таму се раѓа и умира слободата. После секоја лекција научена за во школо, продолжуваш да ги „бубаш“ дефинициите за како треба и не треба. Што е маж, а што жена, што е феминизам и шовинизам, што е комунизам и капитализам, теизам и атеизам? А што е либерализам? Ама пак тоа не ти треба сине, како оние параграфите „ако сакаш да знаеш повеќе“ во учебникот што никогаш не ги читаш. Остави, не се замарај. Имаш колку за петка.