Активирај се | Создадено од вас |

Снежана Делимитова Јаневски: Од Гевгелија до Дубаи – приказна за една успешна кариера

feat-img

Снежана Делимитова Јаневски е еден од најпрепознатливите радио гласови на „Антена 5“. Таа веќе четиринаесет години живее во Дубаи, каде работи како ди-џеј, настапувајќи во познати клубови и ресторани. Снешка е вљубеник во секоја форма на уметноста, а најмногу музиката, но освен тоа голема љубов ѝ е и радиото. Уште од мали нозе очигледни биле нејзините афинитети кон музиката, камерите, театарот и сцената, а тој жар трае до денес.

-Додека бев ученичка, активно учествував во драмските секции, хорот, бев водителка на многу манифестации во градот вклучувајќи го детскиот фестивал „Калинка“, водев забавни емисии на локалното радио Гевгелија и тогашните телевизии. Отсекогаш бев одлична ученичка, добра другарка со голема љубов и разбирање кон животот. Желна за нови предизвици и истражување, посебно за различните култури и религии. Сакам да патувам, да се дружам и секогаш да гледам на позитивната страна на животот.

Како се одлучивте да ја започнете кариерата како DJ?

-Овој одговор ќе го надоврзам со претходниот. Целата моја позадина – таленти и искуство се поврзани со музиката. Овде ќе го додадам и искуството и во радио „Антена 5“, кое ми помогна да научам многу работи што ми помагаат и денес. Природно беше да продолжам со диџејството и не би ја менувала оваа работа со ништо друго. Посебно овде во Дубаи, многу се популарни девојки – ди-џеј, а јас сум во предност токму поради музиката и познавањето на техничкиот дел. Мојот сопруг исто така е ди-џеј и продуцент и многу ми помогна и ме подржуваше во оваа одлука.

Дали може да се спореди животот таму и кај нас?

-Првата разлика е во тоа што живееме на различни континенти. Овде 90 отсто се експатријати и со самото тоа имаме микс на многу култури што живеат заедно и почитуваат иста култура. Секој е слободен да си ја практикува религијата и традиција, а сепак да биде во чекор со сето она што го нуди Дубаи – луксуз, иновации, сензации и чуда. Секојдневно нешто ново се среќава, ова е центар на економијата, на бизниот, модата, на музиката исто така, секоја недела гостуваат најпозните ди-џеи и пејачи од целиот свет. Сè ви е достапно до врата 24/7. Тоа кај нас го нема. Нема партиски книшки, така што секој го добива тоа што го заслужува.

Како си задоволна со успехот што го постигна со  твојата кариера и начин на живот? Дали доби помош од некого за да стигнеш до ова каде што си денес?

-Самиот факт што оставив сè во Македонија и останав овде толку време за мене е успех. Успех е и моето прекрасно семејство што го создадовме, нашиот дом и кариерата. Мојот ангажман е доста голем, работам секој ден понекогаш без слободен ден. Во моето портфолио се најпознатите ресторани и барови каде што сум пуштала музика, фестивали и настани. Моментално сум ангажирана на три места во луксузниот Royal Atlantis Hotel. Она што ми помогнало е мојата храброст, искуство и  верба во она што сакам да го постигнам.

Се сеќаваш ли на емисиите на разгласната станица и какви спомени имаш од тој период?

-Гимназиските денови секогаш ми будат убави спомени, посебно моите активности на многу проекти и настани поврзани со гимназијата и локалните медиуми. Меѓу другите, соработував со професорот Тони Аврамов со кого водевме емисии на различни теми, имаше многу убава тимска и работна атмосфера, многу смеа и дружба што денес се ретки. Исто така, патувавме заедно со играорната група при Пионерски дом од Гевгелија, правевме репортажи и тоа се, можам да кажам, едни од најубавите и впечатливи моменти.

Каква порака би упатила за успешен пат во кариерата?

-Конзистентноста и дисциплината е клучот за успех. Мора постојано да бидеме добри и да постигнуваме добар резултат. А тоа е можно со многу труд и работа, со целосно и со постојано надградување. Уште и ако имате голема љубов кон тоа што го работите, тоа е вистински благослов и нема сомнеж дека ќе успеете. Следете ги вашите соништа и работете на тоа да станат реалност.

Автор: Виолета Чугунцалиева, ученичка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија