Со мурали и графити разубавени ѕидовите во СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе
Во проектот беа вклучени и ученичките Драгана Минова и Ивона Ѓорѓиева, според кои самата иницијатива покажала дека и малите работи можат да направат промени и дека со сплотеност и труд може да се постигне многу.
Колку пати сте поминале низ ходниците на вашето училиште, канцеларија или дом и сте ја почувствувале монотоноста на белите ѕидови и студот на бојата? Дали се имате запрашано колку многу опкружувањето влијае на нас, на нашето расположение и постигнувања? Токму од оваа причина, учениците во гимназијата СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе решија да ги украсат училишните ѕидови со мурали и графити.
Имено, во текот на последните две училишни години дел од учениците под менторство на професорката по ликовна уметност, Билјана Синадиноска Трајанова, ја започнаа иницијативата за бојадисување и сликање мурали низ училиштето. Иницијативата ја покренаа три ученички сакајќи да ја искажат својата креативност, и да го продолжат она што беше оставено како аманет од сите претходни генерации кои поминале низ гимназијата.
Досега ѕидовите кај наставничките канцеларии се целосно обоени, дел од кабинетите се завршени, а во останатите работата е во тек. Еден од муралите е направен во соработка на членовите на Клуб на млади при општинската организација на Црвениот Крст од Свети Николе при ПХВ проектите. На ѕидовите работеа различни ученици а се работеше на повеќе слики истовремено.
Во проектот беа вклучени и ученичките Драгана Минова и Ивона Ѓорѓиева, според кои самата иницијатива покажала дека и малите работи можат да направат промени и дека со сплотеност и труд може да се постигне многу.
„Работа сè уште има, а со тоа и се повеќе ентузијазам меѓу учениците. Овој проект е само доказ дека не постојат граници кои со заеднички сили не може да се срушат. Треба да продолжиме со боите да ги рушиме границите”, велат Драгана и Ивона.
Автор: Ана Наковска, ученичка во СОУ „Кочо Рацин“ Свети Николе