Активирај се | Создадено од вас |

Со училишни заедници до средношколски права

feat-img

Анѓела Арсенијевиќ, СУГС „Георги Димитров” – Скопје

Од безброј општествени промени кои чекаат да бидат направени во нашата земја, промена на образовниот процес е една од најприоритетните. Ни треба образование кое ќе не’ научи да не’ се плашиме, да размислуваме критички и да живееме во благосостојба со нашето опкружување. Сите модернизации на наставата, непромислени експерименти, закани и ограничувања, придонеле голем дел од наставниот кадар и учениците, да ја заборават целта на едукацијата. Сите се слеавме во еден тек на конформизам и апатија од кои забораваме дека можеме да излеземе. Секој ден, со нови чувства на незадоволство, а ретко кој ден со жар за промена. За да излеземе од вкоренет марионетски став кон системот, мораме да се запрашаме како ние да ја направиме или поттикнеме промената по која копнееме. Еден ученик тешко ќе се избори за промена на учебници, реновирање на училишниот простор или концепт на матурата. Но, ако се здружиме на локално или државно ниво, ќе бидеме доволно силни да се избориме за подобро образование. Здружување во училишни заедници (унии/парламенти) се првиот чекор кон колективна борба за нашите права како средношколци- претставник на секој клас, од нив да се избира претседател на училиште, потпретседател и секретар. Овој или сличен облик на здружување е неопходен во секое училиште со цел оформување објективен став кон училишните проблеми и нивно решавање. Заедниците можат да содржат повеќе тимови: вонучилишна соработка (со невладини организации и здруженија), соработка со наставничкиот кадар и вработените, организација на настани и секции… Здружувањето не’ учи како да придвижиме иницијатива, да работиме во тим и аргументирано да се залагаме за нашите идеи. На училишните заедници мора да им биде загарантирано правото да учествуваат на сите новоа на работата на училиштето. Бенефитот би бил взаемен, учениците би растеле во свесни и активни граѓани а професорите би добивале свежи идеи и конструктивна поддршка од своите ученици. Со донесување закон за регулирање на ученичко учество и организирање, поефективно би се оствариле тежнеења за развој на силни училишни заедници. Исто така, ќе се подигне колективната свест за значењето на самостојни младински и граѓански организации. Сите засегнати страни мора да имаат одлична соработка за следните генерации да не го исмејуваат, туку да уживаат во образовниот процес.