Спортски терени имаме, треба само да заиграме
Тоа беа времиња кога имав повеќе слободно време, се дружевме со соучениците. Договоравме термини, се собиравме, игравме, се забавувавме и смеевме, но истовремено и се натпреварувавме и учевме да бидеме тимски играчи. Бидејќи сме од мало гратче во училиште секој со секого се познаваше, но на тренинзите имав можност подобро да се запознаам и со оние со кои во училишните ходници и не бев толку блиска.
Со тренинзите започнав уште кога бев прва година средно и продолжив со нив се до крајот на четврта година. Се сеќавам тогаш пред јас да станам средношколка, ја отворија спортската сала, која е и единствената, па мотивацијата да тренираме ни беше уште поголема, раскажува Петранка Михаиловска од Пехчево, која од средношколските клупи излегла пред три години.
Таа тренирала ракомет, а покрај за овој спорт останатите средношколци од нејзиниот град имале можност да ги посетуваат и секциите за фудбал, кошарка и аеробик. Меѓутоа, денес сликата во една од најмалите општини во Република Македонија е сосема поинаква.
„Порано имаше, но денес таквите работи не постојат“ беше одговорот кој го добивме од неколкуте млади луѓе што ги прашавме колку спортот во овој град е популарен и дали тој е дел од нивното секојдневие.
Во Пехчево има една спортска сала која беше отворена на почетокот на учебната година во 2007 и тогаш беше предадена во употреба на тамошното основно училиште „Ванчо Китанов“, но за потребите по часовите по физичко ја користат и средношколците. Спортската сала „Јане Сандански“ е втората од проектот на Владата и Агенцијата за млади и спорт „35 спортски сали“. Покрај неа, реновирано е и старото бетонско спортско игралиште на отворено.
Помеѓу ретките спортски активности во салата се часовите по физичко воспитување на учениците и групите граѓани кои се собираат и ја изнајмуваат, најчесто за играње фудбал.
Од 35-те спортски сали една беше изградена и во скопската општина Кисела Вода. Таму постојат и неколку спортски игралишта на отворено. Колку за илустрација, во реон од десетина станбени згради долж железничката пруга во Кисела Вода има три такви игралишта.
Судејќи според раскажувањата на средношколците и сликата која во неколку наврати ја затекнавме, станува збор за две македонски општини во кои темата „младите и спортувањето“ се наоѓа на различна бранова должина.
– Се собираме со другарите од маало и најчесто играме фудбал. Постојано има некои кои спортуваат, доаѓаат и групи како нас, но и возрасни луѓе. Изминативе два-три месеци ретко игравме бидејќи беше студено, но сега како почнува да се затоплува ќе се собираме како и претходно, барем двапати неделно – вели средношколецот Стефан, кого го затекнавме со група од десетина негови врсници на едно од отворените игралишта во Кисела Вода.
Спортските успеси се мотивација
Луѓето коишто долги години ги следат случувањата и состојбите од полето на спортот, сметаат дека успесите на македонските репрезентации и тимските достигнувања во изминативе неколку години биле причина плус кај децата и младите да се разгори желбата за спортување.
Меѓу нив ги вбројуваат настапот на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во 2011 година во Литванија, каде кошаркарите го освоија четвртото место. После ова низ градовите во земјава почнаа да се отвораат и кошаркарски клубови во кои тренираат и основци и средношколски.
Голем интерес се појави кај младите и за тренирање ракомет. На ова му претходеше петото место од Европското првенско на машката ракометна репрезентација во 2012 година во Србија. Тука е и континуираниот настап и висок пласман во Лигата на шампионите на двата македонски клуба, Вардар и Металург. Овие два клуба денес имаат и свои академии во повеќето градови, каде децата и младите имаат можност да го следат примерот на нивните спортски идоли.
– Во време кога интернетот и социјалните мрежи се главна преокупација и интерес на младата популација, за поздравување е интересот што го предизвикува ракометната академија на Металург кај момчињата и девојчињата ширум државава. Ракометната академија на Металург опстојува веќе 11 години и со секоја измината година таа е се побројна и поорганизирана. Тука тренираат деца од шест годишна возраст па нагоре, кои преку тренинг, натпревари и дружење ги учат ракометните вештини и навлегуваат во ракометниот свет – вели Тања Димитриоска, тренер во Академијата.
Металург во моментот има 30 школи и во нив тренираат над 1.500 деца, чиј број како што велат од месец во месец се зголемува. Ракометната академија на Вардар, пак, има дваесетина регионални единици низ Скопје и останатите градови.
Училишни натпревари и обуки за наставниците
Покрај самоиницијативните собирања и дружења на спортските игралишта и можносите за професионално занимавање со спортот, надлежните се обидуваат да го вградат спортскиот дух кај младите и преку образовниот систем.
Часовите по физичко традиционално се едни од омилените помеѓу основците и средношколците. Ако постарите генерации сведочат дека физичко било времето кога наставникот ќе ти ја фрли топката и ќе те пушти да играш што сакаш со соучениците, денешните средношколци велат дека повеќето наставници се придржуваат до определената наставна програма.
– Играме и ракомет и кошарка, но на секој час претходно се загреваме. Исто така, често имаме и часови на кои од нас се бара да ги правиме разни вежби бидејќи професорот ни кажува дека тоа ни е потребно и програмата го налага тоа – вели Кристина Цветковска, ученичка во средното скопско училиште „Димитар Влахов“.
Во насока на популаризирање на спортот помеѓу учениците, континуирано секоја година се одржуваат и училишни натпревари во повеќе спортски дисциплини. Помеѓу последните одржани се државните натпревари во футсал за женски и машки, кои се одржаа кон крајот на минатиот месец во Куманово. Истиот период во Маврово се одржаа и првенствата за скијање во средните училишта.
Од 2007 година фондот на часови во училиштата од два се зголеми на три часа неделно. За овој предмет и понатаму да им биде интересен на учениците во изминативе неколку години се спроведува и проектот „Континуирана едукација на наставниците и професорите по физичко“ под покровителство на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Како носители на овој проект се јавуваат и Министерството за образование и наука-Биро за развој на образованието и Факултетот за физичка култура во Скопје.
Проектот опфаќа наставници и професори од основните и средните училишта во државата и во него се промовираат нови методи за постапките и професорите. Како што објавија спроведувачите на проектот, целта е наставниците и професорите да ги освежат и да стекнат нови неопходни теоретски знаења и практички вештини за промовирање на физичката активност и здравиот начин на живот. Сето тоа треба да придонесе во создавањето на психовизички здрава нација.
Репортер: Александар Самарџиски, новинар во „Нова Македонија“ и дипломиран новинар на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста