Активирај се | Создадено од вас |

Спотот за Тоше го работевме со малку пари, но со многу труд и многу љубов

feat-img

Кога станува збор за уметност, не можеме да не ја споменеме фотографската уметност, онаа која овековечува моменти кои траат, ги чуваме и одново доживуваме со само еден поглед на некоја фотографија.

Ја имавме честа да се дружиме и разговараме со фотографот и режисер, Дарио Јанковиќ, токму за оваа уметност, предностите, слабостите и секако за снимањето на новиот спот на новата и неодамна промовирана песна „Light the flame“ од покојната македонска ѕвезда, Тоше Проески.

Јанковиќ, кој фотографира од свои 14 години, а режира десетина години, има работено со многу профилирани луѓе како пејачи, актери, музичари, досега има снимено над 150 спотови на разни теми и во различни земји.

Медиум: Како се инспирирате кога режирате спотови?

Јанковиќ: Секоја нова инспирација доаѓа од самата песна, од самиот текст. Има три начини за изработка на спотови. Може спотот да се изработи врз основа на приказна, секако доколку текстот има приказна. Доколку нема приказна, се служиме со сопствени идеи, фантазија според самиот ритам на песната. Дефинитивно е важно и како ќе ја доживееш песната. Секој режисер и кинематограф различно доживува една иста приказна, на свој начин. Сè е до имагинацијата и композицијата која ќе ја подготвиш за тој момент.

Медиум: Што ве исполнува повеќе, фотографирањето или режијата?

Јанковиќ: Станува збор за повеќе фази во мојот живот. Почнав да фотографирам како дете, кога имав 14 години и долго време го работев тоа. Тој период многу ме исполнуваше, особено новинарската фотографија, бидејќи весникот беше многу почитуван медиум и имаше високи стандарди во општеството. Едноставно ни дозволуваше слободно да се изразиме како фоторепортери, да ја изразиме својата креативност. Како фоторепортери многу патувавме и бевме почитувани. Тој период траеше околу 12 години, сè додека не се роди желбата за режирање спотови, а потоа почнав и да ги снимам. Разликата меѓу фотографијата и видеото е мала. Секој уметник, кога ќе се засити од некоја енергија бара нешто ново, нешто кое повторно ќе го исполни. Тука започна мојата втора фаза во животот.

Faca na mesecot Dario Jankovic 2Медиум: Во нашето училиште имаме и часови по фотографија. Кои совети би им ги дале на учениците за успешна фотографија?

Јанковиќ: Проблемот е што денешните професори главно се задржуваат на теорија и тие деца немаат никаква пракса. Теоријата е убава, теоријата многу помага во делот на праксата, но тие две работи не можат една без друга. Според мене, многу поважен и поклучен момент е праксата. Доколку неа ја нема, после четири години, ученикот нема да има комплетен производ и ќе изгуби одреден период, додека се усоврши на тоа поле.

Медиум: Дали имате освоено некакви награди, колку и за што?

Јанковиќ: Никогаш не сум бил љубител на изложби каде се бодуваат и наградуваат делата, бидејќи секогаш сум сметал дека мојот труд нема да биде праведно оценет. Единствената изложба на која сум учествувал беше меѓународна на која освоив Гран При. Таа беше прва и последна изложба на која конкурирав со новинарска фотографија. Ме пријави моја колешка без јас да знам. Откако заборавив на тоа, после 3-4 месеци ми се јавија од УНДП да ме известат дека сум освоил Гран При и дека треба да одам во Грција каде министерката на култура ќе ми ја врачи наградата.

Медиум: Кое е вашето мото за постигање на животни цели?

Јанковиќ: Работа, работа, и само работа. Со работа и труд се’ ќе си дојде на свое место, како што треба да биде.

Медиум: Дали имате некое уметничко име и со кои познати личности сте соработувале?

Faca na mesecot Dario Jankovic 3Јанковиќ: Генерал. Така ме викаат сите кои ја почитуваат мојата работа. Сум соработувал со многу познати личности, меѓу нив со Владо Георгиев, Сергеј Четковиќ, Раде Шербеџија… Сум фотографирал и снимал многу профилирани луѓе.

Медиум: Како се роди идејата, спотот за новата песна на Тоше да се снима токму во Гимназија „Јосип Броз-Тито“?

Јанковиќ: Искрено, имав многу поразлична идеј, но бидејќи семејството на Тоше имаше желба Огнен Неделковски да го прави сценариото, оставивме на него. Нивната желба беше спотот да биде со многу деца, па затоа се одлучивме за училиште. Така беше многу едноставно, а и прилагодливо, бидејќи располагавме со многу скромен буџет. На ум ни дојде токму оваа гимназија, бидејќи во неа учи мојата ќерка.

Медиум: Која е пораката и како средношколците од гимназијата се снајдоа во улогите во спотот?

Јанковиќ: Тоше Проески беше приврзан со деца, многу ги сакаше, им помагаше. И на децата како поединци, но и на училиштата.

Учениците од „Јосип Брзо-Тито“ беа супер. Сепак беа под контрола на професори, кои ја држеа целата ситуација под контрола. Сакам уште еднаш да се заблагодарам на раководството од училиштето, што ни излезе во пресрет.

Faca na mesecot Dario Jankovic 4Медиум: Како се справувате со негативните коментари?

Јанковиќ: Не се справувам, отсекогаш сум ги игнорирал. Бидејќи нормално е во едно општество да има и позитивни и негативни коментари. Тоа е сепак работа на вкус кај луѓето. Но, јас пак ќе кажам, за спотот на Тоше сум презадоволен од децата и тоа како го изработивме со оглед на нашиот буџет. Претпоставувм главната причина за негативните коментари е тоа што луѓето очекуваа нешто големо. Да, Тоше беше голем човек и се согласувам дека требаше да биде нешто многу поголемо, но немавме можност. Доколку училиштето не ни излезеше во пресрет, немаше да можеме да направиме ни толку. Ќе потенцирам, спотот, го работевме со многу желба, многу труд и многу љубов.

Ева Величковска, СУГС „Јосип Броз-Тито“, Скопје