Активирај се | Создадено од вас |

Средношколецот Лука Стојчев од Свети Николе e државен првак во пинг-понг

feat-img

На само 16 години, гимназијалецот Лука Стојчев ученик во втора година во СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, стана државен првак во пинг-понг за 2023 година. Љубовта кон пинг-понгот ја наследил од својот дедо уште на седумгодишна возраст, кога по негова иницијатива ја добива и првата маса за пинг-понг. Со Лука разговаравме за тоа колку од времето треба да се „жртвува“ за да се тренира за да се постигне ваков успех, а притоа тоа да не се одрази врз училишните обврски.

Колку дена во неделата тренираш и колку напор е потребно да се вложи за да се постигне ваков успех?

Тренирам пет дена во неделата, а за викендите најчесто имам натпревари. Вообичаено тренирам по два ипол часа на ден. Можеби за друг би изгледало напорно, но јас тренирам со голема љубов и воопшто не ми е тешко. Последните неколку години тренирам дома со робот, со мојот брат и татко, а на почетоците тренирав со тренер. Член сум на екипата  „Младост“ од Прилеп и како клуб се натпреваруваме во супер- лигата на Македонија.

Дали овие напорни и чести тренинзи е тешко да се вклопат во училишните обврски? Сепак ти си средношколец. Колку е проблем да се координираат обврските?

Морам да бидам искрен дека кога станува збор за координирање на училишните обврски и спортот некогаш е навистина напорно, бидејќи речиси секој викенд сум отсутен, некогаш и по повеќе денови, кога сме на подготовки со репрезентација, но сепак  успевам и мислам дека добро се снаоѓам.

Кога ја постигна првата победа? Можеш ли да се присетиш какво ти беше чувството?

Тоа беше во 2015 година. Бев многу задоволен и среќен, бидејќи на само 8 години успеав да победам повозрасни противници од мене, а воедно и тоа ми беше голема сатисфакција за остварување на поголеми успеси. Досега имам освоено над 70 медали, неколку пехари, признанија, плакети. Сите награди ми се драги и кога би размислил можеби најдрага ми е титулата државен првак на Македонија до 21 година, на мои 16 години.

Кога за првпат играше во државниот дрес и ги бранеше боите на Македонија?

Тоа беше во 2017 година во Албена, Бугарија на Балканско првенство. Сум се натпреварувал на сите државни натпреварувања и во двојки и сега сум актуелен државен првак во двојки до 19 години. Имам четири титули државен првак во двојки, од кои едната е во апсолутна категорија.

Од кого ја имаш најголемата поддршка? Имаш ли некој идол во спортот?

Најголемата и безрезервна поддршка ја имам од моето семејство, кое ме придружува на сите турнири и вложува во мојот напредок.  Додека  мотивација за натамошен успех ми се големите домашни и светски имиња во овој спорт.

Која е твојата цел?

Во иднина би сакал да успеам во пинг-понгот и да постигнам значителни резултати и на европско ниво. Исто така, би сакал љубовта и знаењето кон овој убав спорт да им го пренесам на младите како тренер.

И за крај,Каков совет би им дал на твоите соученици и воопшто врсници?

На моите соученици им препорачувам да се занимаваат со кој било спорт, бидејќи со тоа се зајакнува и физички и психички, а се создаваат и многу нови пријателства.

Авторки: Нина Бојановска и Нела Митева, ученички во СОУ „Кочо Рацин“- Свети Николе.