Активирај се | Создадено од вас |

Средношколки од Битола избрани за тим со најдобра иновативна идеја во Будимпешта

feat-img

Целта на апликацијата „Деметра ВИ“ е да им пружи едукација и информации на жените – земјоделки како да формираат агробизнис и да станат дел од женското претприемништво.

Средношколките од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Битола Ана Марија Вељковиќ, Ангела Талева и Матеја Ѓоргиевска, на Форумот на жени и девојки што се одржа во Будимпешта, Унгарија, се избрани за тим со најдобра иновативна идеја од Македонија.

Наградата ја добија за алатката за вештачката интелигенција која ќе помогне во премостувањето на родовиот јаз во земјоделството, што ја изработија под менторство на професорката по економски предмети Фанија Наумовска.

Средношколките од „Јосип Броз – Тито“ од Битола избрани за тим со најдобра иновативна идеја на Форумот на жени и девојки во Будимпешта

Апликацијата „Деметра ВИ“, која ги спојува земјоделството и технологијата поседува релевантни податоци за почвата во Македонија и какви растенија на неа можат да се одгледуваат. Целта е на жените – земјоделки да им пружи едукација и информации како да формираат агробизнис и да станат дел од женското претприемништво. Според Ана Марија Вељковиќ, во нашата земја најдоминантна стопанска гранка е земјоделието, но големи земјоделски почви не се доволно искористени. Поради тоа одлучиле да понудат решение на овој проблем, со тоа што ќе имплементираат алатка за вештачка интелигенција „Деметра ВИ“ ќе ги едуцира токму жените, бидејќи сепак, земјоделието се смета за машка професија.

„Со помош на нашата апликација којашто користи вештачка интелегенција  Деметра, жените ќе може да се здобијат со сертифицирана обука, а исто така ќе може да научат како да ги користат сите клучни ресурси од повеќе области што се важни за земјоделието. И со помош на нашата апликација може да станат економски, односно финансиски независни и со помош на оваа апликација ќе може да постигнат многу високи успеси во ранг со многу високо развиени европски земји во оваа област“, вели Ана Марија, ученичка во четврта година во гимназијата во Битола.

Трите средношколки кои беа и единствените претставнички од Македонија, ја претставија идејата на 4. Форум за жени и девојки во СТЕМ (платформа за интеграција на науката, информатичката технологија и математиката за решавање на различни проблеми), кој во октомври минатата година се одржа во Будимпешта. Притоа беа избрани за тим со најдобра иновативна идеја од Македонија.

„Натпреварот во Будимпешта беше многу добро организиран. Јас лично можам да кажам дека имав искуство со многу деца односно ученици од други држави“, вели ученичката Ангела Талева.

Според неа, информацијата за овој меѓународен предизвик ја добиле преку „Џуниор ачивмент“, невладина организација фокусирана на поттикнување на финансиската писменост и претприемачките вештини кај младите со надополнување на знаењата за претприемништвото преку неформално образование.

Автор: Илијана Најдовска, ученичка во СОУ „Јосип Броз-Тито“ – Битола