Активирај се | Создадено од вас |

Старо-нови понуди за дочекот на Нова година

feat-img

Декември, покрај со тестови, испрашувања и заклучување на полугодишните оценки, за средношколците минува и со интензивни преговарања каде ќе се дочека Нова година.
Менија во кафеани, резервации во кафе-барови, забави на плоштади е она што се нуди и од што младите може да избираат како во помалите така и во поголемите градови.

2595tmzdlОние на кои вкусовите не им се задоволени имаат опција и приватно да се организираат.

Разговаравме со десетина тинејџери за нивните планови за новогодишната ноќ, како и за тоа дали актуелните понуди се доволно атрактивни за нив или не.
„Ништо интересно“ и „веќе видено“ беа нивните најчести коментари, истакнувајќи дека се потребни поинтересни забави.

– Треба да има поиновативни понуди за новогодишниот дочек, тоа што се нуди моментално по градот е досадно и веќе видено, секоја година е исто. Но бидејќи немаме избор, годинава се договоривме со друштвото да славиме во кафе-бар – вели Срна Мајсторовиќ, средношколка во скопското училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Според она што го нудат скопските кафе-барови и ноќни клубови, цените за резервација се од 200 денари нагоре.

Кога станува збор за славење во кафеана, пак, просечната сума што треба да се плати е околу 1.700 денари, но има и такви кои достигнуваат цена и над три илјади денари. Во цената, покрај резервацијата, вклучени се и пиењето и јадењето, најчесто во неограничено количество.

Слични се цените што ги нудат и угостителите во другите градови. На пример, во една кафеана во Делчево менито изнесува 1.500 денари. Ваквите понуди, велат тинејџерите, се повторуваат секоја година, па голем дел од нив се одлучиле сами да се организираат.

– Она што се нуди и не е толку многу примамливо, па затоа се договараме да славиме во домашна атмосфера кај некого од друштвото. Дефинитивно за нас младите се потребни некои поинтересни понуди – истакнува средношколката Михаела Крстевска од училиштето „Ванчо Прке“ во Виница.

Дека повеќе сакаат сами да се организираат беше одговорот што го добивме од поголем дел од нашите соговорници, а помеѓу причините ја вбројуваат и музиката. Таков е случајот и со друштво тинејџери од Гевгелија.

– Се мислевме дали да отидеме во кафеана, но таму секогаш е голема гужва, па на крај се одлучивме со другарите да изнајмиме локал, а и сметаме дека сами ќе направиме подобра организација на прославата. Пред сѐ во врска со музиката, бидејќи таа е најважна за добра атмосфера – смета Стефан Шапкаров, ученик во гевгелиското средно училиште „Јосиф Јосифовски“.

Во листата на опции кои ги имаат средношколците се прославите на отворено, односно на градските плоштади. На нив, општините нудат музичка програма за која најчесто ќе бидат задолжени локални бендови, додека побогата програма е предвидена за главниот град.

tema za dilema 13265Како што најавија градските власти, на централниот плоштад во Скопје ќе се свири и пее македонска музика, ќе пеат Адријан Гаџа, Слаткар, Каролина Гочева и Миле Кузмановски. На стотина метри оддалеченост, општината Центар организира друг дочек на кој, пак, за забавата ќе треба да се погрижат С.А.Ф., Јура Стублиќ и „Филм“, како и групата „Забрането пушење“.

Меѓутоа, како што велат средношколците, ретко кој ќе слави цела ноќ надвор поради ниските температури. Сметаат дека ваквите концерти би можеле да се организираат во затворени простории како концертни сали, арени и слично.

Исто така, помеѓу новогодишните понуди се и патувањата, најчесто во соседните земји, кои во просек изнесуваат околу четири илјади денари, во кои се вклучени превозот и сместувањето. Оние што ќе патуваат ќе треба да си издвојат и буџет за пијалаци и храна, како и за влезници на местата што ќе се посетуваат. Овие туристички аранжмани најчесто траат три-четири дена.

Како до поинтересна забава дома?

Бидејќи поголем дел од средношколците со кои разговаравме ни посочија дека новогодишната ноќ ќе ја поминат во домашна атмосфера со другарите или во изнајмен локал, а за музичката листа и за забавата ќе се погрижат сами, во редовите пред вас издвојуваме неколку интересни предлози за тоа како би можела да се „зачини“ атмосферата.

Еден од нив е играње асоцијации, станува збор за игра во парови во која на почетокот секој на ливче пишува по три предмети или јавни личности. Тие подоцна се мешаат заедно, паровите влечат од ливчињата и погодуваат за што станува збор, водејќи се од објаснувањата, асоцијациите и имитациите што му ги дава партнерот.

Караоке е уште една идеја. Лесно може да се реализира, бидејќи за него е потребно само да се набави микрофон, звучниците секако веќе се обезбедени.

Во листата идеи е и забава под маски. Не мора да се чека први април за некој да се маскира, а тематиката на ваквата забава, на пример, може да биде „личноста што според тебе ја одбележа минатата година“.