Тијана Ристовска: Промените се можни, но само ако сите активно се вклучиме

Младата и амбициозна Тијана Ристовска од Гевгелија е студент на политички науки, активистка за човекови права од неодамна стана младинска делегатка на Северна Македонија во Европа. На пленарната седница на 48-та сесија на Конгресот на локални и регионални власти во Советот на Европа, таа одржа моќен говор, испраќајќи силна порака за потребата од систем без корупција. Во својот говор, Ристовска ја истакна трагедијата во Кочани како симбол на поширокиот проблем на корупцијата во регионот и предупреди на опасноста од губење на вербата во демократијата. Таа повика на акција и одговорност, нагласувајќи дека политиката треба да биде сила на доброто.
Од каде желбата за студирање на политички науки и толкавата посветеност во политичките води?
Мојата академска патека ја започнав со правнистудии, но со текот на времето сфатив дека ме привлекува динамиката на општествените промени и непосредното влијание што можам да го имам во процесите кои го обликуваат општеството. Во тој пресвртен момент, голема улога играше Зорана Антовска, асистент на Правниот факултет, која ме охрабри да ја следам својата вистинска страст и да го изберем патот на политичките науки. Бескрајно сум ѝ благодарна за нејзината поддршка. За мене, политиката не е само теорија, туку практична алатка преку која може да се направи реална промена во заедницата, особено кога е водена од јасни вредности, интегритет и емпатија. Моето длабоко уверување е дека младите мора да бидат активни учесници во носењето одлуки кои директно ги засегаат нивните животи и иднини. Оваа сфера ја доживувам како најмоќниот механизам за позитивна трансформација, а посветеноста кон неа произлегува од мојата желба за активна и конструктивна улога во унапредувањето на општеството.
Ти си, исто така, и активист за човекови права. Ти пречи ли неправдата и колку, според тебе, човекот во денешно време ги има потребните права?
Неправдата не е само отсуство на правда, туку симптом на подлабоки структурни слабости во општеството. Таа ме вознемирува, не само рационално, туку и егзистенцијално, бидејќи во неа препознавам континуитет на игнорирани гласови и нееднакво вреднувани животи. Секој човек се бори за своите права, тоа е природна и суштинска човечка потреба. Но, во нашата држава, таа борба бара повеќе- повеќе време, повеќе енергија, повеќе отпорност. Демотивирачки е кога уште од самиот почеток знаеш дека мора да се бориш за нешто што природно треба да ти припаѓа. Тоа создава чувство дека системот не е создаден за да те заштити, туку да те тестира. Затоа сметам дека човековите права не треба да се мерат само според законските одредби, туку според нивната реална достапност и применливост, особено за оние кои секојдневно се маргинализирани. Вистински праведен систем не е оној што дозволува борба за права, туку оној што таа борба ја прави непотребна.

Сметаш ли дека во денешно време младите имаат моќ да го движат светот и колкава е можноста да направат некакви позитивни промени во општеството?
Младите не само што имаат моќ – тие се потенцијалот што може или да го промени светот или да го остави заробен во истите стари обрасци. Но, искрено ме загрижува фактот што ангажманот во општеството и учеството во младинските политики сè уште се доживуваат како нешто „партиско“, како нешто што не е „за сите“. Тоа е недозволиво во 21 век – век на информации, достапна едукација и дигитална отвореност. Да не се прави разлика помеѓу политика и политичка партија значи да се остане во замка што системот намерно ја одржува. Политиката е сè што нè засега: воздухот што го дишеме, образованието што го добиваме, квалитетот на здравството, јавниот превоз, правдата, слободата, можностите. Таа може да уништи живот, но и да го направи достоинствен, убав и функционален. Политиката не е сопственост на партиите – таа е алатка на граѓанинот. И сè додека младите не ја вратат таа алатка во своите раце, не можеме да зборуваме за вистинска демократија. Затоа, промените се можни, но само ако сите се вклучиме – не декларативно, туку активно. Не за другите, туку за самите себе. Светот не се менува од страна туку одвнатре, од луѓе што не се плашат да го замислат поинаку. И уште повеќе да работат за таа визија да стане реалност.
Од неодамна ти си младински делегат во Советот на Европа. Какво е чувството да се биде дел од таа приказна?
Да се биде младински делегат во Советот на Европа е огромна чест, но истовремено е и голема одговорност. Тоа е простор каде младите добиваат шанса да бидат слушнати на највисоко ниво, а оваа улога ја доживувам како можност ,не само за личен раст, туку и за застапување на потребите на мојата генерација. Чувството е инспиративно, но она што ме фасцинира е самата енергија на останатите делегати од 45 земји, заедничкото работење на проблеми кои нé засегаат сите, различните гледишта и различните системи од кои сите ние доаѓаме. Сепак, морам да кажам дека оваа функција сеуште нема доволно тежина во нашата држава. Нашата национална делегација никогаш не ме контактира, иако имаше известување дека сите национални делегации добија контакт од младинските делегати. Додека бев таму, сите други делегати беа придружувани од нивните национални делегации, имаа тематски вечери, дискутираа за актуелните проблеми во нивните држави , додека нашата делегација не се појави ниту еднаш, што беше исклучително демотивирачки. Оваа функција во другите држави има многу поголемо значење и младите се вклучени во многу активности и процеси на национално ниво во текот на нивниот мандат од една година. Сметам дека ова е нешто што треба да се поправи и за нас, бидејќи таа поддршка е важна за целосно искористување на потенцијалот на младинските делегати.
Каде се гледаш после 10 години и кои се твоите планови и неостварени соништа?
Се гледам како личност која и понатаму е опколена од својата фамилија, бидејќи тие се најважниот аспект на мојот живот. За десет години се гледам како остварен родител пред сè, кој ги пренесува своите вредности и принципи на своите деца. Се гледам како жена која ја зачувала својата автентичност и останала доследна на своите вредности, без да се изгуби во современите трендови кои постојано се менуваат. Исто така, како личност која продолжува да ги истражува неизмерните хоризонти на светот, бидејќи сакам да патувам. Секоја нова дестинација ме исполнува со нови искуства и со инспирација. За десет години сакам да имам посетено уште многу места и да го искусам светот низ призма на млад човек, со сите негови убавини и предизвици. Мојата визија за иднината е да бидам дел од општество кое се темели на етика, истрајност и солидарност, во кое младите се присутни поради тоа што така одлучиле, а не поради тоа што немаат избор. Најголема желба ми е да бидам дел од трансформацијата која ќе ги направи нашите вредности општо прифатени.
Автор: Тијана Гоцкова, ученичка во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија