Тинејџерски активизам и социјална правда: Гласот на новата генерација

Во свет каде неправдите сè уште се присутни во различни форми, младите сè почесто стануваат двигатели на промените. Тинејџерскиот активизам не е само тренд – тоа е силно движење што ја обликува иднината, носејќи нови перспективи за социјалната правда.
Дигиталните технологии овозможуваат младите побрзо да се организираат, да споделуваат информации и да создаваат движења кои имаат реално влијание. Според извештајот на UNICEF (2022), социјалните мрежи се најчестата алатка што тинејџерите ја користат за да се информираат и за да поттикнат промени, особено во области како што се климатските промени, човековите права и образованието. Од климатски протести, преку борба за човекови права, па сè до барање подобро образование, тинејџерите низ целиот свет покажуваат дека нивниот глас е моќен.
Но, активизмот не е само онлајн – младите организираат маршеви, хуманитарни акции, јавни дебати и волонтерски иницијативи. Нивната енергија и креативност ги прават непроценливи во борбата против дискриминацијата, нееднаквоста и социјалните неправди. Истражувањето на Harvard Political Review (2021) покажува дека младите кои учествуваат во граѓански иницијативи развиваат поголема емпатија, критичко размислување и лидерски вештини. И во Македонија, младите сè повеќе се ангажираат. Од иницијативи за екологија до залагање за ученички права, нивната ангажираност покажува дека иднината припаѓа на оние кои не се плашат да бараат промени. Кај нас постојат неколку младински здруженија кои активно работат на теми поврзани со социјалната правда:
- Младински образовен форум (МОФ) – Организација што се залага за младинска партиципација, квалитетно образование и граѓанска активност. Преку нивните дебатни клубови, обуки и проекти како „Младински клубови за еднакви можности“, тие поттикнуваат критичко размислување кај младите.
- Здружение на млади „Go Green“ – Фокусирано на климатскиот активизам, ова здружение организира кампањи за одржлив развој, акции за пошумување и едукација за екологијата.
- Младите можат – Ова здружение работи на развој на лидерските вештини кај младите и нивната вклученост во општествените процеси преку иницијативи за волонтирање, граѓанска акција и младинска политика.
Волонтерката Ива Трпески од Go Green, зборувајќи за младинскиот активизам и социјалната правда, вели дека младите не се само иднината, туку и сегашноста. Таа од активизмот има научено дека секој мал чекор е важен, секоја иницијатива, секој потпис на петиција, секој учесник на еколошка акција.
„Нашите гласови и акции имаат моќ да создадат вистински промени. Социјалната правда значи еднакви можности за сите, подобра животна средина и праведен систем во кој секој има право да биде слушнат. Во Goo Green веруваме дека одржливоста и правдата одат рака под рака. Преку разни кампањи, работилници, и јавни иницијативи се бориме за позелени градови, подобри закони, и активно учество на младите во носењето на одлуки. Еден од најдобрите примери за младински активизам се локалните еко акции што ги спроведуваме со нашите членови ширум Македонија. Тие во своите општини организираат акции за садење на дрвја, чистење на јавни простори, едукација на граѓаните за одржлив начин на живот и слично. Минатите години низ акциите на Go Green стотици млади активисти спроведоа најразлични креативни и еко настани во повеќе од дваесет општини низ Македонија“, вели Ива.
Дел од активностите кои Go Green ги спроведува еколошка едукација и промоција на одржлив развој
Тинејџерскиот активизам е доказ дека годините не се пречка за да се направи разлика. Социјалната правда не е само визија – таа е цел кон која новата генерација активно чекори, менувајќи ги општествените вредности и создавајќи подобро утре.
Автор: Тереза Кимова, СГГУГС “Здравко Цветковски” – Скопје