Ученици надвор од училиштата и училишта без ученици
Васко Гичевски, трета година, ОСУ „Таки Даскало“ – Битола
Под влијание на играта на судбината или пак под играта на свесниот, но не секогаш разумен човеков ум пред нас се постави една слика на ученици надвор од училишта и училишта без ученици. Се обвистини еден од пострашните, но не без последици кошмари на педагогијата да не се спроведува организираниот процес на воспитание и образование на учениците односно наставата.
Местото на училиштето по сите човекови норми и сфаќања треба да е на највисоко ниво, на пиедесталот на секое општество, непартизирано, недиригирано од страна на интересите на левите или десните. Многу е лесно да се даваат совети и да се попува на земјите кои во својата рудиментирана односно неразвиена состојба немаат функционален систем на образование, од вакви или такви причини на образованието гледаат како неважна работа. А кај нас, ние кои се дрзнуваме да попуваме на другите, ситуацијата не ни е ништо посјајна од нивната.
Ги присиливме учениците, децата во годините кои за нив треба да преставуваат години на развиток, на среќни моменти. Истите се претворија во еден тежок момент на пресвртница и во македонското општество и се принудени да војуваат битки кои се навистина илузорни доколку се погледне од аспектот дека возрасните се тие кои што треба да се погрижат за среќната и сигурна иднина на своите деца. Овие деца останаа сираци.
На прв поглед не се случува ништо, но кога ќе се задлабочиме во суштината и проблематиката на цела оваа ситуација ќе видиме една револуција на мало. Се покажуваат основи на анархизам, на неконформизам, на искажување на своето јас (она на кое што секојдневно се учиме и се воспитуваме). Сега стана проблем за проповедниците на овие начела.
Проблемот немаше да земе толку голем замав и толку да се задлабочи доколку во нашето општество би постоел дијалог, парламентаризам и симетрична комуникација помеѓу страните засегнати од оваа проблематика. Дополнително отежнување на целата оваа работа е обидот за печалење на политички поени врз грбот на учениците, па се обидуваат едните да ги тргаат десно, а другите да ги окарактеризираат како леви и неподобни, и обратно. Ова тргање на учениците на лево или на десно не ги привлече ни ваму ни таму, туку ги оттргнаа од училиштата, се попречи воспитно-образовниот процес бидејќи остана без неговиот основен и функционален елемент, а тоа се воспитаниците односно учениците.
Како и за се во животот, има решение и за овој проблем. Решението е во меѓусебниот квалитетен дијалог со кој за жал барем за сега не можеме да се пофалиме. Треба да се усвои еден модел на изработка на воспитно-образовниот систем кој ќе биде плод на заедничката работа на основниот и функционален елемент на тој процес, односно воспитаниците и на оние кои што го контролираат и го обезбедуваат тој воспитно образовен процес т.е. Министерството за образование и наука.
Пронаоѓањето на вистинско решение е од круцијално и огромно значење кое секако треба да се изнајде за што пократок период бидејќи со самото оддолжување на проблемот тој станува се` поголем и поболен и ништо повеќе нема да се добие отколку една огромна колатерална штета, а тоа ќе бидат учениците кои ќе останат без соодветниот степен на едукација. Или уште полошо преку некој штетен модел на воспитен процес трајно ќе се осакатат, кое, пак, осакатување ќе придонесе да куцаме и заостануваме многу зад останатите европски и светски земји.