Активирај се | Создадено од вас |

Учениците од Гевгелија „се повозија“ по рамната тепсија

feat-img

„Гивгилија рамна кути тепсија“ е насловот на театарската претстава што учениците од средното гевгелиско училиште „Јосиф Јосифовски“ ја одиграа на 20 октомври во Народниот театар во Гевгелија. Претставата се реализираше во рамките на проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието во организација на УСАИД – Македонија.

Професионални актери и професори активно работеа со група ученици уште од март 2016 година. Секоја седмица се реализираа креативни работилници на кои со учениците се работеше на разни теми, како што се надминување на конфликти, издигање на свеста за различноста и за толеранцијата, зацврстување на самодовербата, невербална комуникација итн.

Театарската претстава со наслов „Гивгилија рамна кути тепсија“ е напишана од познатите македонски актери Кети и Горан Илиќ, кои се дел од овој проект, а учениците ги подготвуваа професорките Ивана Кркотиќ-Прошевска и Розета Картова.

Темата на театарската претстава е гевгелискиот живот и сите доблести што ги одликуваат гевгеличани, од варењето пинџур до возењето велосипед по „градската рамна тепсија“, преку манифестациите што ја величаат смоквата.

Со порака дека сите сме исти без разлика на возраста, на етничката, верската и социјалната припадност и дека сите треба заеднички да си го градиме животот почитувајќи си ги различностите, учениците успешно се претставија пред гевгелиската публика.

Мими Филова