Влатко Васиљ, твитерџија: Со обединети и бунтовни средношколци не треба да се плашиме за иднината
Влатко Васиљ е еден од најпознатите ликови на социјалните мрежи, кои тој ги нарекува „нов плоштад на слободата“. Својата твитер популарност ја користи за актуелизирање на опшествено важни прашања и смета дека „твитер влијателноста“ така добива на тежина. Што мисли Влатко Васиљ за Средношколскиот пленум и која е неговата порака до средношколците, прочитајте во продолжение.
Медиум: Што е Влатко Васиљ по професија и дали тоа е неговото вистинско име?
Влатко Васиљ: Работам во Елемент ПР, агенција за односи со јавноста и пишувам за порталот Фокус.мк. А да, моето вистинско име и презиме е Влатко Васиљ, по извод и по лична карта.
Медиум: Што мислиш за влијанието на социјалните мрежи и како тие можат да се искористат?
Влатко Васиљ: Социјалните мрежи се одлична алатка за нови пријателства и обновување на старите. Покрај дружбата, тие се и еден нов плоштад на слободата, полн со различности во искуствата и размислувањето. Нивното влијание може да користи за побрзо групирање и собирање на луѓе, потранспарентно спроведување на иницијативи и акции. Но некогаш знаат и да дадат доза на пасивност, односно акцијата да се поддржи преку нив со лајкови, ретвитови или споделување на истата, а директно да не се учествува во спроведувањето и таа да не добие на интензитет во директна и улична активност како што била претставена на социјалните мрежи. Социјалните мрежи го родија оној пасивен активизам, но со протестите на студенти и средношколците и неколку хуманитарни акции полека, но сигурно се излегува надвор и се крши таа пасивност на активизамот.
Медиум: Имаш повеќе од 16 илјади следбеници на Твитер. Како ја користиш твојата „влијателност“ и што значи да се биде „влијателен“ на Твитер?
Влатко Васиљ: Да се биде влијателен на Твитер е тема која подложи на голем број зезања и девалвирање на зборот влијателен. Но и тоа е добра инспирација за твитање. Засега да се биде влијателен на Твитер значи само да имаш поголем број на следачи, но ако твитањето го насочиш кон поддршка на акции кои се од општо добро, тоа може да има голема влијателност, посебно ако те следат повеќе од 16 илјади луѓе.
Медиум: Периодов актуелен е Средношколскиот пленум. Како гледаш на таквиот начин на организирање на средношколците и борба за нивните права?
Влатко Васиљ: Секоја нивна активност за мене е легитимна, посебно кога се борат за своите права. Онаа борбена и револуционерна мисла се буди токму во средношколските години, таму се вистинските почетоци на независноста кај индивидуата и таму како личност се создаваат првите „бунтовнички“ иницијативи. Ако се врши неправда кон нив како група или кон некој нивни соученик, треба и мора да се борат заедно против тоа. Тие се никулецот на иднината и ако уште од старт покажат обединетост за некоја повисока цел, тогаш не треба да се плашиме за нашата иднина.
Медиум: Каде заврши средно и каков беше како средношколец?
Влатко Васиљ: Средно училиште завршив во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Како средношколец бев бунтовен ученик. Често се противев на неправдите и секогаш држев став за она кое го сметав дека е неправедно, дали за мене, дали за моите соученици. Мојата бунтовност ми донесе преместување од еден клас во друг, но тоа не ме спречи да продолжам да го зборам и да го мислам тоа за кое мислев дека не е во ред и е спротивно на интересите на учениците. Инаку, да бидам искрен, повеќе читав книги вон наставата, отколку учебниците за наставата. Сакав да истражувам теми кои таму не се предаваа, а ќе ми користеа во иднина. И така бидна, после средно се запишав на Правен факултет – отсек новинарство.
Медиум: Што би им порачал на денешните средношколци?
Влатко Васиљ: Средношколците мора да се држат и дружат едни со други и кога имаат различни мислења и погледи кон работите за нив треба да дискутираат и да бараат начин како да ги стават во иста цел со која ќе просперираат. Да читаат многу книги и да слушаат квалитетна музика. Да бидат примерни и да ги почитуваат професорите кои секогаш им даваат знаење со кое ја будат независноста кај личноста и размислувањето со своја глава, да не потклекнуваат под закани, уцени и заплашувања. Секогаш кога мислат дека се во право, тоа гласно да го кажат и да се поддржат меѓусебно, но и да бидат способни да го сменат ставот и гледиштето на работите кога ќе сфатат дека грешат. Да бидеш средношколец не е само да го носиш ранецот на грб. Да бидеш средношколец значи дека ја носиш и иднината на грб, својата, на твоите другари и на целото општество. Затоа што ќе дојде денот кога ќе треба да се свртат позади и да ги погледнат своите постапки што ги направиле, оствариле и го оставиле за идните генерации. Дали на нив ќе бидат горди или ќе бараат времето да се врати за да се поправат, оставам сами да одлучат, но верувам дека ќе донесат одлуки што се корисни и поучни за сите нас.
Репортер: Катерина Смилева, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста