Активирај се | Создадено од вас |

Внимавајте (не) се снима!

feat-img

Снежана Станкова, професорка во СУГС Гимназија „Никола Карев“

Кога почнав да го пишувам текстот, пред очи ми беа сите ученици кои поминале низ овие години на моето учителствување. Па споредував, согледував какви разлики се случувале низ времето, кој како растел, кој што учел. Чудно, но сфатив дека некои работи не се менуваат.

На пример, драги мои ученици, вие отсекогаш сте биле и ќе бидете слика и прилика на вашите домашни збиднувања. Колку и да (не) сакаме да признаеме, наставницие го „гледаат“ тоа, го забележуваат „моментот на семејството“ во вашето однесување на училиште. Исто како што и ние сме „под лупа“, верувајте дека седењето во клупа, поздравувањето по ходниците, односот во секојдневната комуникација, покажуваат како функционирате дома. Па затоа, „немирковците“, „спанковците“ и „незапирливите дрдорковци“, треба да се запрашаат дали се такви и нивните родители или оставаат погрешно-лоша слика за нив?

Ние овде во училиштето, во околината, на екскурзиите, преку учеството во разни проекти и дружба, имаме задача да ве „доизградиме“ и да делуваме воспитно, како што всушност и се нарекува процесов (воспитно-образовен). Несвесно, драги ученици, ние работиме едни на други. Си пренесуваме позитивни работи, си влијаеме, се зближуваме, се надополнуваме.

Зборот ми беше, дека вие всушност станувате слика и прилика и на наставниците со кои работите. Јас сум многу горда кога ќе чујам за успехот на некој од вас, оти сметам дека самата сум дел од тоа. Значи, се следи вашиот успех, како овековечен филм. Сѐ се снима и се документира во вашиот карактер кој во голем дел се гради во училиштето.

Велам , внимавајте, со насмевка, зашто и однесувањето во автобус е дел од белегот оставен врз вашето вклопување во „системот“. Почитувајте ги моралните кодекси и напред во животот – нека се снима, па не е секогаш сѐ розево!