Вонредната состојба и образованието
Полека истекува втората недела од прекинот на наставата по сите образовни нивоа, заради ширењето на корона вирусот. Според почетните насоки, прекинот треба да трае две недели, што значи дека наставата би требало да продолжи од понеделник, 23-ти март. Меѓутоа, и покрај тоа што засега сѐ уште нема официјално соопштение од надлежните по овој основ и состојбата будно се следи, како да станува сѐ поизвесно дека за жал, заради забрзаното ширење на вирусот наставата сепак нема да продолжи.
Што се случува во меѓувреме, додека сите се надеваме на стивнување на оваа досега невидена закана на која сите сме изложени и додека чекаме натамошни насоки? Пред сѐ, на национално ниво, се реализира програмата во формат на училница во живо која се емитува на националната телевизија, наменета за учениците од пониските образовни нивоа, а во која учествуваат и колеги кои прават напор да ги анимираат учениците со ваков виртуелен тип на настава. Од друга страна, секој од нас како наставник кој предава во средните училишта прави напор за комуникација со своите ученици и за одржување на нивниот интерес за материјата со користење на расположливите ресурси, согласно структурата на предметите и нивната возраст. Генерално, се работи за индивидуални зафати кои немаат белег на општораширен и прифатен контекст, униформен за учениците кои следат ист наставен предмет ширум земјата, заради, според надлежните, непостоењето законска рамка која ваквите околности би ги менаџирала на начин кој ќе обезбеди течење на наставата согласно наставните планови и програми преку платформи достапни за сите. Ова се детектира како само еден од проблемите за реализација на наставата особено во средните училишта и подразбира препуштеност на начините на комуникација со учениците во вакви вонредни услови на личните афинитети, можностите и степенот на креативност на наставниците.
Сепак, и покрај сериозноста на овој проблем кој дефинира различни аспекти на гледање на материјата од исти наставни предмети за ученици на иста возраст, сметам дека во услови на вонредна состојба, повеќе би требало да се укаже и на еден уште погорлив проблем кој е поврзан со матурантите, а кој со оглед на оправдливата општа загриженост, стои затскриен и засега, недискутиран. Имено, ако се земе предвид дека според постоечката регулатива, за матурантите годината завршува на 20-ти мај, а се случи прогласувањето на вонредната состојба, изолацијата ќе продолжи наредните 30 дена, што ќе рече-до половината од месец април. Под претпоставка и да се смири состојбата и да се вратиме на настава, на што искрено сите се надеваме, нашите матуранти ќе бидат во училницата уште само 3 до 4 недели, во кои треба да се дефинираат оценките, да се земе предвид материјалот кој не е предаден, да се одбранат проектните задачи кои ги изработуваа во функција на државна матура или завршен испит, да се реализираат испитите по истиот основ и конечно, да ги испратиме како што доликува на воспитно-образовна институција во која тие деца пораснале, созреале и оформиле поглед на свет кој допрва ги очекува.
Бидејќи работам со матурантите, одблиску ја гледам нивната загриженост зачинета секако со доза на апатична летаргија бидејќи не знаат што ги очекува. Проблемот е глобален, секако, свесни сме дека светот не е имун на силната и упорна траекторија на короната. Сепак, би апелирала до надлежните да размислат што може да се направи и да излезат со поконкретни насоки во поглед на, би рекла, судбината на матурантите, кои во моментов статираат во наметнатата чекална без да знаат што, кога и како ќе направат понатаму. Постоечките обврски кои ги имаат, сите рокови по основ на завршувањето на годината и за упис на факултетите во и вон земјата се сѐ уште на сила, поради што сум сигурна дека сега е моментот за утврдување на стратегијата по која ќе се постапи. Матурантите чекаат.
Конечно, би сакала и да ги поздравам нашите матуранти. Држете се, дечки. Сѐ ќе биде во ред. Вашите професори и сите кои ја регулираат сферата во која научивте да пишувате, да читате и да го гледате светот околу себе ќе се погрижат за тоа. Додека сте дома, работете на себе и заради себе. Читајте, учете со нас, затоа што младоста е привилегија која се консумира со полни едра и со умни чекори. Искористете го времето кое го имате. Впрочем, веќе сум ви рекла – времето се вика време затоа што служи за себевградување во него, пред да помине. Ќе бидете добро.
Елизабета Секирарска, професорка по Менаџмент и Маркетинг во средното училиште „Перо Наков“ во Куманово