Активирај се | Создадено од вас |

За трите дена култура, сите се заљубија меѓу себе

feat-img

Гимназијата „Никола Карев“ во изминатиот месец, беше домаќин на првиот средношколски фестивал „Три дена култура“. Настанот на кој младите добија слобода да се изразат, изобилуваше со филмски проекции, театарски претстави, изложба на фотографии и ликовни дела, како и многу музика.

Za trite dena kultura site se zaljubija megu sebe 2 330x200Фестивалот започна со проекции на седум кратки филмови од средношколци кои се бореа за првата награда: „Лица“ на Ханис Багашов, „Земја од иднината“ на Берат Ахметај, „Секунда… до вечноста“ на Ана Андонова, „Фауст“ на Бојан Таневски, „Ковач“ на Горан Попоски, „Филм со главен лик“ на Филип Лафазановски и „Добра ноќ“ во режија на Сергеј Сарчевски. Во специјалната селекција на првата вечер имаше три кратки филма, гости на фестивалот: „Заматена тишина“ на Мирослав Илиќ, „Најтешкиот чекор“ на Тамара Котевска, како и „Отров“ на Дејан Џолев, филм изработен од школата за уметност „Џолев и уметностите“.

По проекциите, публиката имаше можност да разговара за уметноста, филмовите, режисерите.

Za trite dena kultura site se zaljubija megu sebe 3 330x200Дејан Џолев посочи дека постојат два вида медиуми – филмска индустрија, а другиот е филмска уметност.

-Филмската индустрија има за цел да создава пари, што не е воопшто лошо, додека пак филмската уметност има за цел да создаде идеи, што исто така не е лошо и јас лично многу повеќе го ценам – одговори Џолев на едно од поставените прашања.

По дискусијата, следуваше прогласување на најдобриот краток филм на вечерта, а наградата ја доби Сергеј Сарчевски, со краткиот филм „Добра ноќ“.

Za trite dena kultura site se zaljubija megu sebe 4 330x200Вториот ден од фестивалот беше наменет за осум театарски перформанси. Целта, според организаторите била постигната, да се покажат нови сфаќања и размислувања во уметноста, постмодернизмот да се искористи до максимум, да се експериментира со актерите, приказната па дури и дејството.

– Овој фестивал создаде и нов термин „изложена претстава“. Станува збор за перформансот „Чекајќи го Годо“ кој траеше цела вечер, за време на сите претстави. Публиката имаше можност да го види при влегувањето во салата и при излегувањето. На крајот на вечерта, двајцата актери вклучени во претставата, логично – сѐ уште го чекаа-објаснија организаторите на „Три дена култура“.

Перформансите започнаа со кратката изведба на две ученички од прва година, кои рецитираа за љубовта и љубомората. По нив, следуваше кус разговор со Милош Андоновски, театарски режисер и првиот професор во средно училиште по театарска режија во Македонија, инаку и основач на отворената театарска школа „Театар за сите“. Следуваше алтернативната претстава „Чехов Монолози“ од драмското школо „СЦЕНА – Дебар Маало“, а по нив театарска импровизација. Корчагинци со претставата „Живот во розово“ ни понудија комична, апсурдна, со мала нишка на постмодернизам. По нив, публиката имаше можност да ги следи претставите „Мудрост во четврт месо“ по сценарио на Елена Костовска и Филип Попов, а во режија на Филип Лафазановски. „Мудрост во четврт месо“ и театарскиот перформанс на „Денс Студио ВАЈБ“.

Za trite dena kultura site se zaljubija megu sebe 5 330x200Настанот се затвори со музика и дигитална изложба. Настапија шест бендови, двајца самостојни артисти и еден диџеј. За време на свирката, беше поставена и првата дигитална изложба во било кое средно училиште, на која учествуваа 50 млади луѓе како и гости од средното училиште за ликовна уметнос „Лазар Личеноски“. Станува збор за дигитално проектирани ликовни дела или фотографии на уметници кога изложбата е директно поврзана со некој друг настан (свирка во случајов).

– Барем за три дена, сите се заљубија меѓу себе – констатираа организаторите на фестивалот, кои, како добри домаќини, дадоа и поттик на останатите училишта да се вклучат од наредните години, затоа што фестивалот не беше само на „Карев“, туку на сите млади уметници.

Никола Анчевски и Филип Лафазановски, гимназија „Никола Карев“ Скопје