Активирај се | Создадено од вас |

За успех е потребна волја, упорност и добар ментор

Средношколката Ирина Шафкуловска има 17 години и е трета година во гимназијата „Јосип Броз Тито“- Битола. Учествувала не неколку републички натпревари, на кои освоила први награди, но исто така била наградена и на меѓународни купови. За нејзината пасија кон физиката и другите области, разговараше соученичката Анета Трајковска

МЕДИУМ: Си учествувала на неколку натпревари, кои се твоите позначајни резултати?

ИРИНА: Според нивоата, најзначајни би биле двете први места на републичките натпревари по физика, првото место на националниот натпревар по англиски јазик и бронзата по математика што ја освоив летото 2013 година на купот на Белградската математичка гимназија, на кој учествуваа ученици од голем број европски земји.

МЕДИУМ: Бидејќи имаш постигнато неколку успеси, според тебе, што секој треба да направи за да се постигнуваат добри резултати?

ИРИНА: За почеток , потребно е многу слободно време и волја тоа време да се инвестира во работа. Ви треба добар ментор што точно ќе ве насочи и ќе ви го задржи интересот. Со текот на годините, почнувате да разменувате искуства со други личности и така се учи како да се биде свој. Но и малку среќа нема да наштети.

МЕДИУМ: Какво е чувството да се поседува натпреварувачки дух во себе?

ИРИНА: Натпреварувачкиот дух не може да се стекне, само може да се потхранува во животот. Тој е пламен што не може да згасне, те тера да продолжиш, да се бориш, да ги достигнеш своите граници и да ги поместиш понатаму. Желбата да се остане на врвот и нашата свест која ни укажува дека сеуште има простор за доградба е тоа што нé одржува во форма.

МЕДИУМ: Жан Жак Русо вели „ Својот уметнички напредок си го благодариме себеси и на нашиот труд“. Дали ти се согласуваш со ова мислење и зошто?

ИРИНА: Делумно, ова е точно. Но , за напредок не можеме да се потпреме само труд и работа. Треба и рано да се осознае насоката на движење, на развивање на талентот и да се развие способност која би ни овозможила и во нашите најслаби моменти ние да го искористуваме нашиот максимум.

МЕДИУМ: Сигурно немаш многу , но во слободно време што најчесто сакаш да правиш и кои се твоите планови за во иднина?

ИРИНА: Во слободното време, јас сум типична средношколка: времето си го исполнувам со музика, книги, пријатели и филмови. Повеќе години играм и тенис, кој е забавен , но и напорен спорт за кој што е потребна голема физичка и психичка подготвеност. Во однос на иднината, натпреварите ми се секако во преден план, но веќе започнувам да размислувам и за моето високо образование. Сеуште се двоумам која применета гранка на математиката и физиката најмногу би ми лежела. Во секој случај, имам намера да аплицирам во странски универзитет, каде би можела да научам повеќе, но и стекнам нови контакти.