Активирај се | Создадено од вас |

Запеа и почна да ги освојува срцата на слушателите

feat-img

Антониа Гиговска е четиринаесет годишна девојка од Скопје и е основка во скопското училиште „Стив Наумов“ во Автокоманда. За да се уверите во тоа што ќе ви го раскажам, ви препорачувам веднаш да го пребарате името на оваа девојка на Јутјуб. Антониа има огромен потенцијал за да стане врвна пејачка, а најинтересното е тоа што откако таа реши да го покаже талентот со неколку настапи, за неполна една година доби бројни признанија и награди на фестивали и натпревари.

Антониа годинава настапи на фестивалот „Откритие Европа – Откритие Планета“ којшто се одржа во Москва, Русија. Таа се претстави со песните „Hero“ од Мараја Кери и „One Night Only“ од Џенифер Хадсон, за кои таткото на Антониа, Тони Гиговски, вели дека ги извела одлично, но ни крај памет не би му дошло тоа што се случило следно.

-Се делеа гран при награди во сите дисциплини во кои се натпреваруваа околу 3000 учесници. Некаде пред крајот на концертот се слушна гласот на официјалниот водител кој ја повика на сцената Антониа Гиговска од Скопје, Република Македонија да прими Гранд При на фестивалот во категорија естрадно пеење во конкуренција од 250 пеачи – вели Гиговски.

Антониа покажала афинитети кон пеењето пред две години. Таа и нејзините родители случајно дознале за аудицијата за детскиот хор при Македонската радио телевизија. Антониа се пријавила и била примена во хорот, а набрзо почнала да зема и часови по пеење. Таа вели дека е многу среќна, затоа што постигнала многу за кратко време.

-Сè се одвиваше во рок од осум месеци. Годинава ја сметам за успешна, бидејќи настапив на повеќе фестивал, донесов се како што треба. Го дадов тоа што е од мене и задоволна сум – вели Антониа.

Додека Антониа настапува и освојува награди, преработените песни кои ги има испеано ги слушнал и Марјан Катароски, претседател на Светската асоцијација на фестивали. Во иднина тој треба да се грижи околу манифестациите и фестивалите на кои ќе учествува Антониа. Таткото на Антониа вели дека Катароски се појавува во кариерите на многу балкански пеачи меѓу кои и на Тоше Проески, Каролина Гочева, Јелена Томашевиќ, Влатко Лозановски, Јоце Панов и други. Ако го следи патот на овие пејачи, и на Антониа може да ѝ претстои успешна пејачка кариера.

Репортер: Мартин Манасков,
студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста