Активирај се | Создадено од вас |

Запис од пејзажот на една актерска душа

feat-img

Едноставна и скромна девојка, но тоа што таа го има во себе е еднакво на големо уметничко дело од кое сигурно ќе се воодушевите. Скопјанката Дејана Попоска е ученичка во четврта година во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“. Нејзината успешност се должи на умешноста и талентот за глума.

„Моето прво искуство беше на часот по говорење и пишување. Познатиот монолог од „Хамлет“ беше мојот билет за влез во драмската секција. Кога веќе еднаш си одбран, навистина си. Искуствата на штиците кои живот значат се како ставање на тетоважа – никој никогаш не останал на една“, раскажува Дејана.

Во нејзиното досегашно уметничко портфолио се вбројуваат неколкуте претстави на  француски јазик и една на македонски. Преку ликовите на Мишел, Мари, Афродита, г-ѓа Потпетица, со секоја улога таа се искачува едно скалило погоре во областа на актерството. Учи како да ги надминува предрасудите за улогите и осознава дека нема лоша улога.

akterska1„Театарските проби со сите свои тензии, маани и часови напорна работа имаат моќ на невидлив магнет да ги зближуваат членовите на една театарска трупа. Научив многу за меѓучовечките односи. Сите ние заедно научивме многу. Научивме кога некој е подобар од нас, како да слушнеме и разбереме совет и сите критики да ги прифатиме како позитивни. Според мене, токму театарот  е најголемото школо за животот. Нема нешто пореално и нешто со кое може повеќе да се избега од реалноста“, вели матурантката.

Во текот на нејзиното школување во „Корчагин“ Дејана три пати ја посетила Франција. Француската билингвална паралелка ѝ отвора можности за студирање на државните факултети во Франција без приемен испит. Дејана се надева дека Драмскиот факултет, но тој во Париз, ќе ја има нејзината најголема животна улога.

 Автори: Калина Петкова и Уна Николоска,
средношколки во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје