Активирај се | Создадено од вас |

Жаре „Еден на еден“: Уживам во неврзан муабет

feat-img

Има многу луѓе кои се викаат Жарко, но еден е Димитриоски, особено тој што ја води емисијата „Еден на еден“. Жаре е млад и успешен ТВ водител кој е присутен на телевизиските екрани уште како дете. Зад себе има многу проекти кои поминале со одличен прием кај публиката, а моментално ја работи шестата сезона од својата авторска емисија „Еден на еден“. Повеќе не треба да се објаснува кој е Жарко Димитриоски, затоа што голема е веројатноста дека ќе го чуете неговиот глас на рекламите скоро секој ден, или пак, ќе го видите на телевизија со неговата емисија.

Медиум: Твојата емисија ужива голема популарност кај македонската публика. Но, за сето тоа да изгледа убаво и интересно на телевизија, како се подготвувате со твојата екипа?

Жаре: Секојдневна работа е, нема збор. За секоја епизода има пар сценаристички состаноци, пар логистички состаноци, константно 24-часовно контактирање по телефони и мејлови со нови идеи и предлози… Лично, далеку сме од задоволни. Има уште многу, многу за подобрување и каде да се оди нанапред, но условите се такви какви што се, а ние даваме максимум за секое снимање…

Медиум: Кој е твојот омилен водител/ка? Кога би ја имал шансата да седиш на кафе со нив, што би ги прашал?

Жаре: Македонија е многу мала земја и уште помал пазар. Со речиси сите со кои сум сакал да седам, сум седел и сум се дружел и се дружам и тоа не дека е некакво достигнување. Им се восхитувам на луѓе како Игор Џамбазов, Трендо, Бранко Огњановски, Бубо и Васе од К-15 и други. Сите тие се прекрасни на камера и уште попрекрасни зад камера и ми е многу мерак што се едни од луѓето на кои можам да им се јавам кога било, да седнеме некаде и да муабетиме со саати.

Медиум: Од каде произлегува идејата, желбата за водење ТВ емисија?

zarko-1-13Жаре: Цело основно одев во Детското драмско студио на МРТВ кај Софија Гогова Врчаковска, што исто сакам да го читне ова и да знае дека многу ја поздравувам (однесете и го на врата! ха, ха, ха). Таму снимавме ТВ серии. емисии, радио драми, радио емисии, турбо се работеше. Бевме многу мали навистина, по десетина години, ама работевме и бевме ангажирани како прави професионалци. Си прејде нештото во навика, едноставно горе-долу не ни имав некој избор со себеси за тоа што ќе правам понатаму. Од средно натаму дојде Спорт 4 ТВ, па А1 ТВ, па „Еден на еден“ и сопствената продукција и еве сме сега. (ха, ха, ха)

Медиум: Дали тоа е нешто што отсекогаш си сакал да го работиш? Дa можеш повторно да бираш, дали би работел нешто друго?

Жаре: Не знам дали би издржал на подолг рок во таков калап ама ми се случува да си речам – требаше нешто полабаво да работиш, нешто со работно време, слободни викенди и сл. Ама ретко, далеку од тоа дека често го помислувам тоа. Не знам дали отсекогаш сакав да го работам ова. Имаше период кога сериозно размислував да запишам глума на ФДУ, но се предомислив.

Медиум: Ти си дел од новинарскиот бенд „Рипортерс“, а и покрај тоа, видливо е дека имаш дарба и за музика. Освен овој бенд, дали претходно си имал друг и дали некогаш се случило да и’ пееш серенада на девојка?

Жаре: Сум свирел со многу познати и непознати музичари и бендови ама вака сериозно како со „Рипортерс“, не. Сепак, ова со „Рипортерс“ е друга лига, имаме и албум издадено… За тоа со девојка, да, ми се случило. И кога ќе размислам, многу малку ја имам користено гитарата за ќарување девојки. Требаше повеќе, смотан еден… ха, ха, ха

Медиум: Дали популарноста која ја стекна изминативе години предизвика драстични промени во твојот живот? Што е тоа што ти се допаѓа, а што би сакал да се смени?

zarko-1-14Жаре: Не, воопшто. Знаеш, интересно е тоа што оваа „популарност“ како што велиш не е ни третина од тоа што беше во време на А1, кога го стартувавме „Ексклузив“ таму. Тоа беше хаос! Ова сега ми е перфекција. ха, ха.. Нема апсолутно никаква причина за некакви промени. Професија како професија. Како што некој е молер, некој е доктор, некој е таксист, јас сум ова.

Медиум: На страна од обврските со емисијата, што правиш во слободно време?

Жаре: Некое слободно време баш и немам и ми е многу мака поради тоа. Сè што е настрана од „Еден на еден“ како ТВ шоу го трошам заедно со колегите во нашата мала и убава фирмичка со исто име која успешно работи како комплетна маркетинг агенција и продукција. А, искрено, криво ми е дека немам толку време како до пред неколку години за дружење по ресторанчиња, свирење гитара, гледање филмови и такви некои работи. Уживам во неврзан муабет. Ако ми се погоди човекот, можам со саати да седам и да муабетам на тотално неповрзани и некакви си „битни“ теми како оправање држава и слично. (ха, ха, ха)

Медиум: Каде заврши средно и како поминуваа твоите денови како средношколец?

Жаре: Средно учев во „Васил Антевски – Дрен“ и сакам да си ги поздравам сите професори таму. Средно беше супер! Многу, многу добро време. Во средно почнав со телевизии професионално. Работев во „Спорт 4“, првата и засега единствена македонска телевизија строго за спорт (за жал, не постои веќе), и веднаш после часови, а некогаш и за време на последниот излегував за да коментирам француско првенство фудбал! Лудило беше тоа, седиш на час, ѝ доаѓаш на професорката и и’ кажуваш – може да ме пуштите, треба да коментирам куп на УЕФА, НБА или што и да беше дента… ха, ха… Имав многу разбирање од сите нив, а и бев добар ученик, немав проблем со оцени.

Медиум: Да можеш да се вратиш во времето, дали би променил нешто во твојот средношколски живот?

Жаре: Па, не. Не би менувал ништо. Преубав период и сите средношколци треба да извлечат максимум од него, зашто тој стил на живот со многу дружење, нови работи, часови преку ден, слободни викенди, тестови, стресови, први заљубувања итн. нема никогаш да се повтори.

Медиум: Со твоето досегашно искуство, што би ги посоветувал средношколците кои би сакале да почнат со работа во телевизија?

Жаре: Денес условите се поинакви од времето кога јас почнував. Треба многу да си ја сакаат работата, да бидат подготвени на константно учење и надградување, секако ако сакаат резултати и ако не сакаат да се просечни. Оваа професија е многу динамична, несекојдневна, интересна, ама бара и многу жртви.

Репортери: Мартин Манасков и Љубица Николовска,
студенти на Високата школа за новинарство и за односи со јавност