Збогум „Медиум“
Неполни осум години, од кои последниве три беа интензивна дружба. Така барем говори хронологијата на „Медиум“. Роденче во далечната 2011, чии први автори сега веќе се апсолвенти или се вработени. Прекрасно е чувството кога на улица ќе ги видите тие први дописници на “Медиум“ и ќе си размените спомени од каде им дошла инспирацијата за текстот за „Најдобар млад новинар“ или пак за тремата кога го интервјуирале режисерот Милчо Манчевски, ракометарот Филип Миркуловски, Калиопи, Сашко Коцев и… уште многумина други кои беа дел од страниците на првиот и единствен средношколски весник во земјава.
Изминативе три години ја имавме среќата преку проектот „Коалиција за медиумска писменост“, ние – од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и од „Нова Македонија“ со средношколците да дискутираме и работиме новинарство. Со 24те изданија на “Медиум“ објавиме околу 150 вести за училишни активности, еразмус проекти, изложби; 100 тина ученички колумни во кои младите ги поттикнавме да го кажат своето мислење за нештата кои ги засегаат, 100-тина интервјуа со познати личности… стрипови.
Направивме 15 медиумски лаборатории низ цела Македонија. Учевме за тајните на новинарската професија и динамиката на работа во една редакција. Овие лаборатории, кои ги правевме заедно со искусните уредници во „Нова Македонија“, ни беа главен инкубатор за новите генерации дописници на „Медиум“.
Направивме три „Медиумски денови“ со што успешно ја продолживме иницијативата којашто прв пат ја реализиравме во 2014 година. Почнавме со шест, а завршивме со осум медиуми кои беа домаќини на вкупно 400-тини ученици, едуцирајќи ги за процесот на раѓање на вестите. Благодарност до Нова Македонија, МРТ, ТВ 21, Радио МОФ, Макфакс, ТВ Тера Битола, ТВ Плус Куманово, ТВ Вис Струмица, 24 Вести.
Во „Изрази се преку медиумите“ баравме креативен израз кај младите. И го добивме. Над 50 ученици се пријавија на конкурсот за најдобар медиумски производ. Најуспешните 10 учествуваа на Средношколскиот камп за медиумска писменост што летоска го организиравме заедно со колегите од Факултетот за новинарство на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Низ четиридневна интензивна работа на терен со предавачите од двата факултета, новинарите од Нова Македонија и 30те ученици од цела МК, направивме 15 мин. информативна ТВ емисија „Прозорец“ и 10тина прекрасни фотостории.
На крајот изразувам голема благодарност до професорите кои во текот на овие три години ни беа нишката која не поврзувашее со учениците. „Медиум“ немаше да биде тоа што е ако ја немавме поддршката од Жане и Билјана од „Карев“, Тамара од „Орце“, Марина од „Ѓорѓи Димитров“, Емилија од „ЈБТ“ Скопје, Ане од „Зеф Љуш“, Тони од Гевгелија, Снежана од Неготино, Соња од „ЈБТ“ Битола, Фросина од Куманово, Џевит од Дебар и уште многу други од кои барам прошка што не ги собира во овие редови. Благодарност и до Европската Унија која го препозна потенцијалот на овие активности со кои ја разбудивме дебатата зошто ни е потребна медиумската писменост.
Но, најмногу од се, им благодарам на сите ученици кои ја препознаа целта на „Медиум“. Искрено се надевам дека ја научиле основната лекција на новинарството – дека вистината има повеќе страни и дека до неа се доаѓа со проверка на фактите и умно користење на медиумите. Тоа ќе ни биде утеха дека сме успеале во нашата искрена намера – да креираме критичка и медиумски писмена публика.
Александра Теменугова, уредник на „Медиум“ и проектен раководител на „Коалицијата за медиумска писменост“