Зборови
Кус расказ на матурантката Христина Петров од СУГС „Панче Арсовски“
Решително чекори по врелиот асфалт, како да ги поминува последните метри во својот живот. Никој нема да ги дознае нејзините несигурности, тоа го реши во себе смеејќи се од уво до уво.
Гордо го носи среќниот израз на лицето за да ги одбие сите погледи. Сè е во ред, си помисли. Но не е. Ништо не е во ред.
Нејзините светли прамени коса кои се лелеат со ветерот и крупните љубопитни зелени очи алудираат на безгрижност. Ех, да беше тоа вистина!
Штотуку пред себе стави еден вид на штит кој ја крие од светот, но не го крие светот од неа. Сè е јасно. Јасно е дека не може да добие сè што заслужува. Поради тоа земјата под неа се тресе и прави да се чувствува непријатно. Поради тоа нејзините демони се враќаат на старо. Се враќаат на оние моменти кога таа нема никаква моќ врз нив.
Едноставно ја надвладуваат. Си го земаат својот залет и ја срамнуваат со земја. А, таа не може да направи ништо. Само да дозволи да биде жртва на самата себе, жртва на својата потсвест. Само да се изгуби во светот на имагинацијата, бидејќи така е полесно. Болката побрзо се заборава.
И колку и да бега од реалноста, на крајот повторно се соочува со тоа дека е само спореден лик и се крши на парчиња толку ситни што никој не може да ја собере, а не пак да ја состави. Не сака да биде само спореден лик кога знае дека заслужува повеќе, не во нечиј живот, а особено не во својот.
Чекори кон целта, но никогаш не стигнува. Несигурноста го зема своето и прави секој чекор напред, впрочем да ја враќа во безизлезноста.
Секој ден се обидува да го направи невозможното. Ги брише сите дијалози и го остава единствениот монолог да тече како да е кажан во еден здив. Не ги брои здивовите. Сè тече со таква брзина што не е во состојба да изброи до десет пред да се скрши како стакло при пад. Таа е во постојан пад, сè подлабоко во својата меланхолија.
Не сака да биде втор избор. Или нека биде одбрана прва или воопшто нека не се обидуваат. Заслужува барем браво, одлично или продолжи така. Не заслужува да биде на пат кон самоуништување.
Бидејќи е незаменлива. Не може никој да биде она што е таа. Не може никој друг да ги раскаже приказните што таа ги раскажува. Но, некогаш и нејзините зборови не течат доволно лесно. Во оние моменти кога ѝ е најпотребно, не може да каже ништо. Не може да најде нешто што има барем малку смисла.
И тогаш од никаде се протнува тој еден збор што го започнува процесот кој ја води на граница со нервен слом. Нема излез, нема решение.
Сите очи се вперени кон неа, луѓето чекаат да застане и да ги покаже солзите кои знаат дека ги подголтнува. Но, ги собира и последните сили за да остане цела, додека влегува во своето безбедно место.
На самиот влез стои огледало кое ја покажува нејзината мрачна страна, огледало од кое нашата хероина најмногу се плаши. За момент погледнува во него иако тоа не беше нејзината намера. Токму тоа е местото каде што полека, но сигурно се распаѓа. И како нарачано, во овој момент, кругот којшто постојано се врти стигнува на својот почеток. Нема излез, нема решение.
Нејзиното срце забрзано чука, нејзиното тело трепери како при првиот бакнеж кој прерано се случи. Дишењето ѝ се забрзува и врели солзи се слизнуваат од очите додека таа ја чувствува тежината од целиот свет како паѓа врз неа. Низ
мислите ѝ летаат четири збора: нема излез, нема решение. Постојано истото, како лоша песна која ги нервира сите, но постојано ја вртат на радио.
Таа се обидува да го смири чувството на гушење што ја опколува и седнува на истрошениот под за да си помогне и да ги сочува сите атоми енергија што ги чувствува во себе. Ова е претешко, таа не може да се избори. Преголем е недостатокот за да најде начин.
Тежината полека ја соборува, не може ниту да ги слушне сопствените мисли. Грми од сите страни, премногу гласно за да биде вистинито. На момент заборава да земе воздух што го прави ова уште полошо.
Ја губи контролата врз сама себе, а единствениот начин да победи е да ја земе во свои раце. Да вдиши длабоко, да се потсети дека ќе помине. Да направи што било за да го победи психичкото распаѓање. Само така може да се врати во нормален живот.
Нема излез, нема решение. Или има, но таа не е во состојба да го најде. Мислите не летаат во таа насока и таа не може да ги смири. Не може да си каже дека е само фаза и дека ќе помине. Единственото нешто што може да го направи е да повтори: нема излез, нема решение.
Ги доживува овие моменти без трошка надеж. Сите проблеми се собрани на едно место ѝ се исмеваат на нејзината болка. Целиот свет ја исмева нејзината состојба, никој не ја сфаќа сериозно.
Одлучува да се предаде, но сите негативни мисли се стишуваат на момент кој е доволно долг за таа да почне да се бори. Си се потсетува дека ќе помине и дека ова што се случува е само напад на паника предизвикан од тој еден збор кој е запишан во нејзините мисли, но таа никогаш го нема слушнато. Ова е само фаза која и самата знае колку често ѝ се случува. И самата знае дека не може да ги контролира настаните кои ја носат во ова лудило, бидејќи не секогаш знае што ќе ја наведе на овој пат. Дали самата ќе го предизвика или нечиј збор ќе допре длабоко и постојано ќе удира во коска. Како и зошто никогаш не се јасни. Јасно е само дека таа е свој непријател. Јасно е дека дури и кога размислува, кога детално ги испитува своите недостатоци, се става во опасност.
Полека ја добива контролата над себе и почнува да вдишува длабоко. Почнува да верува дека може да ја добие оваа битка.
Станува и се исправува со крената глава. Го победува својот најголем страв и повторно погледнува во огледалото. Овој пат не е само краток поглед од неколку секунди. Во зеленилото на нејзините зеници трепери решеноста да биде поправена.
Ги истражува своите контури и заклучува дека нејзин единствен недостаток е тоа што лесно потклекнува пред деструктивните мисли. Тогаш забележува еден сончев зрак кој низ прозорецот паѓа врз огледалото, а потоа се одбива и паѓа врз нејзината десна рака. Таа стега тупаница и со сета сила удира во огледалото кое се крши и паѓа пред нејзините стапала.
Сега е слободна. Ништо нема да ја повредува повеќе. Ќе биде силна. Ќе биде сè што не била до сега.
Автор: Христина Петров, матурантка во СУГС „Панче Арсовски“