Активирај се | Создадено од вас |

Жените од полошкиот регион незаштитени од семејно насилство од страна на институциите

feat-img

23-годишната Медина Ахмед од Гостивар лани конечно реши да го пријави постојаното насилство од нејзиниот поранешен сопруг и братот. Наместо да наиде на поддршка, таа се соочи со неправда и неспособноста на државата која не успеа да ѝ обезбеди покрив над глава. Низ целиот полошки регион, со повеќе од 250.000 жители, нема ниту едно прифатилиште за прифаќање на жени кои пријавуваат семејно насилство.

„Јас сум под голем стрес и јас веќе не можев да го трпам и му реков оди си. Осум години ми уништи и за тие осум години не поминало ноќ без да бидам малтретирана од негова страна“, изјави Медина Ахмеди за ТВ21, истакнувајќи дека насилството го пријавила во полицијата.

Случајот со 23-годишната жртва Медина Ахмед не е единствениот во Полошкиот регион. Насилството врз жените е многу присутно и се манифестира во различни форми како вербално, психичко, физичко, а не ретко завршувало и со убиство.

Според Националната мрежа против насилство врз жените, пријавувањето на семејното насилство довело до семејни трагедии бидејќи државата не била во состојба да ги заштити жртвите. Во повеќето случаи, мажите ги убивале своите жени откако жртвите решиле да се обратат до институциите за помош.

Насилството врз жените преведено во статистики

Полошкиот регион има девет општини – Тетово, Гостивар, Маврово, Ростуша, Желино, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Јегуновце и Брвеница, каде живеат 251.552 граѓани. Наведените бројки на семејно насилство ги опфаќаат сите општини во регионот.

И покрај стотиците случаи на насилство, државните и локалните институции не успеаја да им овозможат на малтретираните жени достоинствен живот по пријавување на насилството.

Небахате Зибери Имери, психолог

Психологот Небахате Зибери Имери вели дека според европските стандарди во полошкиот регион треба да има најмалку пет советувалишта.

„Впрочем, полошкиот регион има само два советувалишта. Локалната самоуправа мора да преземе мерки за обезбедување на услугите кои овој регион ги заслужува. Лобираме со сите локални институции и општини во полошкиот регион“, вели Зибери Имери.

Од Центарот за еднакви можности „Молкуќја (Бубамара)“, велат дека бројките наведени во инфографикот не ја претставуваат алармантната состојба со насилството врз жените во Полошкиот регион.

„Бројот реално е многу поголем, но жените не ги пријавуваат знаејќи со што ќе се соочат по пријавување на насилството, како и затоа што во многу земји од овој регион насилството станало секојдневие, претворено е во навика“, нагласуваат од ЦЕМ „Молкуќја (Бубамара)“.

Полошкиот регион е единствениот во РСМ без ниту едно прифатилиште за жени

Според минималните стандарди, за 50 илјади жители треба да има советувалиште за жени жртви на семејно насилство, за 100 илјади жители да има прифатилиште за жртви, додека за 150 илјади жители да има Кризен центар за жени жртви на семејно насилство. Во Полошкиот регион живеат околу 255.000 жители, а има само две советувалишта за жени, но нема прифатни центри или центар за брза интервенција.

Во Република Северна Македонија, покрај Скопскиот регион, други големи прифатилишта за жртви на родово и семејно насилство има и во Југозападниот регион – Охрид, источниот регион – Кочани, југоисточнот регион – Струмица, Вардарскиот регион – Велес и Свети Николе, и во Пелагонискиот регион во Битола. Владата на РСМ го усвои Националниот акционен план за имплементација на Истанбулската конвенција за периодот 2018-2023 година, но и покрај тоа Полошкиот регион е единствениот регион каде сè уште нема отворен прифатен центар.

Од НВО „Молкуќја (Бубамара)“ алармираат дека статистиката за семејно насилство во Полошкиот регион е застрашувачка.

„Треба да се истакне дека високиот број на семејно насилство не мора да значи дека се зголемени случаите на семејно насилство, туку дека е зголемена свеста кај жените да ги пријават овие случаи, бидејќи секогаш имало такви случаи, има, за жал ќе има и во иднина“, изјавуваат од НВО „Молкуќја (Бубамара)“. Тие нагласуваат дека жените во Полошкиот регион прво се силувани од институцијата „семејство“, а потоа од државните институции, притоа не обезбедувајќи им потребна помош по пријавување на насилството.

Што вели законот?

Во 2021 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита на жените од семејно насилство, кој има за цел да го унапреди системот за спречување и заштита од сите форми на родово и семејно насилство. Членот 21 од Законот предвидува општините да изготвуваат локални програми и политики за заштита на жените жртви на родово базирано насилство и да спроведуваат превентивни мерки. Истиот закон речиси и да не се спроведува во полошкиот регион.

Наоди од истражувањето на невладината организација „Кортекс“

Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) на 12 март 2018 година. Земјата е посветена да обезбеди заштита на жртвите преку создавање достапни специјализирани услуги и географски распределени на еднаков начин за заштита на жените жртви на сите форми на родово засновано насилство и семејно насилство.

 

Burimi: Pexels

Студијата на „Кортекс“ открива дека во Полошкиот плански регион не се исполнети минималните стандарди за пристап до специјализирани услуги за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово засновано насилство и семејно насилство предвидени во Истанбулската конвенција.

Во овој регион нема ниту едно прифатилиште за жените жртви на насилство, а според Истанбулската конвенција државата треба да обезбеди прифатилиште со најмалку 25 места.

Исто така, во Полошкиот регион нема кризен центар за жени жртви на семејно насилство, туку има само две советувалишта.

Според истражувањето на „Кортекс“, ваков социјален план има изготвено само општина Гостивар.

Ана Афрамовска од „Кортекс“ нагласува дека насилството врз жените и семејното насилство не се приоритет на полошките општини. „Таму нема ниту едно прифатилиште нема кризни центри, нема национална СОС линија на сите јазици, за да биде достапна 24 часа“, вели Афрамовска.

Конвенцијата повикува на вклучување на локалната власт во изготвување и спроведувањето на координативните политики за спречување на насилството врз жените и семејното насилство. Конвенцијата, исто така, бара вклучување на локалните власти во обезбедување заштита на жртвите на насилство и обезбедување финансиски средства за специјализирани услуги за помош и поддршка (прифатилишта, советувалишта итн.).

 

Автор: Ардит Рамадани

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.