Активирај се | Создадено од вас |

Зголемен е бројот на дипломирани студенти во текот на ковид-19 пандемијата

feat-img

„Залудно трошиме време за патување до факултетите, мене ми треба еден час да стигнам до Медицински факултет. Со онлајн студирањето имав време за сè, ги слушав предавањата, завршував некои обврски низ дома и учев. Тие два часа кои ги поминував во пат ги планирав корисно. Вежбите можат да останат со присуство бидејќи тоа фалеше, ним им нема замена. Годинава ќе дипломирам, просекот ми се зголеми во текот на пандемијата, 2 години земам и стипендија”, вели студентката Милче Атанасова.

Студентите ги заменија училишните клупи и амфитеатрите со онлајн часови и седење пред компјутер, секој ден по неколку часови поради пандемијата во изминативе 3 години во многу држави. Ковид-19 пандемијата нè погоди сите во повеќе аспекти од животот. Пред предизвик се најдоа професорите и студентите.

Извор: pixabay.com

Онлајн студирањето, според бројот на дипломирани студенти, се покажа корисно. Според кажувања на студентите, онлајн полагањето им олеснило во процесот на полагање на испитите. Ваквиот начин на студирање овозможи поголема достапност на материјалите за учење, заштеда на пари, флексибилност со времето според обврските.

Во следната табела се забележува дека пред пандемијата во 2018 година дипломирале 6.204 студенти на државните факултети. Во приватните и верските универзитети, се забележува пораст на дипломирани студенти во текот на пандемијата во споредба со 2018 година.

Број на дипломирани студенти во 2018 година пред пандемијата и во текот на пандемијата

Според податоците на Државниот завод за статистика добиени од пристигнатите извештаи, во 2019 година бројот на дипломирани студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во однос на 2018 година е зголемен за 2.2%.

Според податоците на Државниот завод за статистика добиени од пристигнатите извештаи, бројот на дипломираните студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во Република Северна Македонија, во 2020 година во споредба со 2019 година, е намален за 12.3%.

Според податоците на Државниот завод за статистика добиени од пристигнатите извештаи, во 2021 година, дипломирале 7 753 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува зголемување за 12.2% во споредба со 2020 година.

„Факултетот ми е во Идризово. Тоа ми е по еден час со градски превоз секој ден, да не ви зборувам за градските автобуси кои се полни со прашина. Искрено одморив од теророт кој го доживував секој ден за да стасам до факултетот. Треба да останат онлајн предавањата, тој што сака да слуша и учи ќе научи. Да не се бунат студентите дека предавањата не се добри, треба да слушаат и да се концентрираат на наставата”, вели Мартина Бурнеска, студентка на Факултетот за безбедност.

Извор: pixabay.com

Според статистиките, онлајн студирањето влијаело позитивно врз дипломирањето на студентите. Процентот на дипломирани студенти по предвидениот рок за дипломирање е значително поголем пред и за време на ковид-19 пандемијата. Сепак, може да се забележи дека процентот на дипломирани е зголемен за време на пандемијата, со што може да се заклучи дека онлајн испитите им помогнале на студентите.

Дали е тоа така поради намалената трема пред компјутерот за разлика од испитите со присуство, или е поради поголемите шанси за препишување, зависи од студент до студент.  Научивме дека можеме да се прилагодиме во секоја новонастаната состојба и успешно да ја совладаме. За краток период после првите мерки во 2019 година се прилагодивме на онлајн студиите. За некои тоа беше потешко, но сепак видовме дека и таа опција е достапна и лесно спроводлива, доколку ни е потребна.

„Ми фали комуникацијата и дружбата што ја имавме со колегите пред пандемијата”, вели студентка на Градежен факултет.

Со појавата на ковид-19 мерките против ширење на заразата невозможно беше студентите меѓу себе да се дружат како претходно, студентите кои започнаа студирање во текот на пандемијата сè уште не се знаат меѓу себе.

После тригодишнaта онлајн настава од новата учебна година 2022/2023 година ќе се врати настава со присуство, најави министерот за образование Јетон Шќири.

 

Автори: Сања Петреска и Кристијан Стојановски

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.