Активирај се | Создадено од вас |

Ж како жена или жртва

feat-img

Елена Савеска, ОСЕУ „8-ми Септември “, Тетово

Колку пати сте почувствувале страв да влезете во возило каде поголем број се од спротивниот пол? Колку пати сте избегнале место кое не е осветлено? Колку пати сте се уплашиле дека ќе бидете силувани? Колку пати сте се плашеле по вашиот живот?

Ова се неколку работи кои не треба да се едно секојдневие и ова се прашања чии одговори не треба драстично да се разликуваат без разлика дали се одговорени од некој од машки или женски пол.

Од една страна го имаме женскиот пол, а од другата страна лице кое страдало од нештата нанесени од други или да биде курбан за нешто. Но, што може да ја направи жената да биде маргинализирана жртва на општеството? Еден збор, патријархат.

Иако има голем  број на дипломирани и докторирани жени сепак е многу мал бројот на работодавци. Голем е бројот на жени жртви на семејно или било какво насилство, но мал бројот на пријавени случаи. Па да погледнеме во корените за да го најдеме проблемот.

Девојчињата уште од мали нозе ги воспитуваат да бидат како стакло, да внимаваат како изгледаат, да се по туѓ вкус и димензија, да се тивки, да не се бунат бидејќи не им личи, да внимаваат што зборуваат, да немаат амбиции кон нешто подобро, да се срамат ако имаат недостаток, да се машини за репродукција.

Момчињата, пак, се воспитуваат да се силни како карпа, да немаат чувства, дури и да се одронат тие се карпи, да се стремат кон повисокото, да газат сѐ пред себе, да се доминантни, да се бунат, да зборуваат гласно за да покажат моќ, да не се срамат, да не се потчинуваат.

Сѐ додека постои ваква поларизација помеѓу половите, општеството нема да види развој и прогрес. Мажите да ја покажат својата надмоќ и да ја веат својата мажественост додека, пак, жените да прашуваат дали ќе може да добијат барем мала поддршка за моќ и со страв да ја гледаат истетовираната женственоста на нивното тело. Дофрлување, зјапање, свиркање па дури и удирање, сѐ само за да ја докажат својата мажественост, да ја покажат таа моќ т.е. привилегија. И баш поради оваа причина голем број од другите маргинализирани лица страдаат или воопшто не се сметаат за човечки битија. Дали ќе треба жената да чека мажот да се разбуди од сонот на доминација за да биде еманципирана? Не.

Пред четириесеттина години во Исланд се случил штрајк, но тоа не бил обичен штрајк, тоа било движењето со кое се променил начинот на кој се гледала жената. Жените не само што демострирале револт туку и моќ. На еден сончев ден околу 90 проценти од жените безгрижно излегле на улици и ги условиле мажите на еднаква плата за еднаква работа.Тоа им ги отворило очите на мажите во власта кои сфатиле дека е невозможно да се води држава без жени.

Сѐ додека не се постигне рамноправност залудни се прославите,розите и подароците. Само заедно сме посилни и само заедно ќе успееме.