Активирај се | Создадено од вас |

Зоолошка градина во СУГС „Браќа Миладиновци“ – место за учење и грижа за животните

Ова училиште е единственото во државата кое има сопствена зоолошка градина која постои од 2015 година, а во која живеат лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици, а за нив се грижат учениците кои на овој начин изведуваат практична настава. Токму овој ЗОО парк е причината ова средно училиште да го освои првото место на натпреварот, организиран од Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, во конкуренција од триесетина училишта во државава

Во рамките на средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Драчево, на површина од 2 500m² се простира зоолошка градина, која функционира од 2015 година за потребите не училиштето, а од 2021 година е отворена и за посетители. Нејзини „станари“ се околу 50 животни, домашни и диви, и тоа: срна, елен, срндак, зајаци, кози, овци, биволи, свињи, коњи, магаре, а од птиците има гугутки, гулаби, фазани, дукатки, потоа домашната живина, неколку мачки и кучката Дона (со нејзините сè уште безимени другари). Понекогаш има и привремени „гости“, залутано или повредено маче, куче на кои им е потребна помош, а најмногу љубов.

Дел од практичната настава се реализира токму во зоолошката градина под будните очи на професорите Велика Мержановска, Даница Томоска и Усам Исаку.

Во текот на практичната настава учениците имаат прилика да се запознаат со условите за работа, а ги согледуваат проблемите и недостатоците во врска со струката. Обврска на учениците е да се грижат и одржуваат хигиената на животните, да ги хранат и да внимаваат на промените во нивниот изглед и однесување кои можат да бидат показатели на некое заболување. За да може да го изведат сето ова, професорите ги обучуваат како да извршат општ/клинички преглед на кое било од овие животни.

Во случај на промена на однесувањето, изгледот на животното, односно при појава на некое заболување учениците можат да придонесат за подобрувањето на неговата благосостојба благодарение на квалитетните и обемни предавања на професорите. Оваа зоолошка градина во училиштето им овозможи на учениците да се здобија со искуство кое ќе им помогне во нивното понатамошно школување.

А посетите кои стануваат сè почести од страна на децата од градинките и основните училишта се само уште еден доказ за тоа колку се мирољубиви и прекрасни четириножните пријателчиња. Преку овие посети на дечињата им се дава можност да се запознаат со природата и да развијат љубов кон животните уште од најрана возраст. 

„Браќа Миладиновци“ е едно од средните училишта во градот каде што се одвива дуална настава, со што се гарантира дека реално дефицитарниот кадар, како стручен кадар и во рамките на земјоделската струка и во рамките на ветеринарните техничари, што овде се профилираат, ќе им даде можност на децата кои овде се запишуваат по завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на трудот и да можат веднаш да се вработат.

Автори: Мирјана Алексовска и Марија Тренчевска IV-1, средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“

Видео: Стефи, Тинка, Марија и Сара од III-1, Пелагија и Тамара М. Б. од I-1, ветеринарна струка