СРЕДНОЛЕНД: Недела во која час по култура држеа средношколците
Бендови со свирки во живо, хор, танц кореографии, тетарски претстави, хип-хоп, рап и поп изведби, уметничка изложба, комични скечеви и документарци… Вакви настани во Скопје не се ништо ново, но се уникатни кога сите се организирани во неколку дена и сите се изведени од средношколци. Како културниот живот во градот да е целосно освоен од учениците. И тоа е одлично освежување!
Во организација на ЈУ Универзална сала минатата недела се одржа СРЕДНОЛЕНД – серија на настани на кои скопските ученици, но и сите кои имаа шанса да присуствуваат и да се претстават со своите таленти.
Училиштата се сплотија и создадоа прекрасна атмосфера за граѓаните на Скопје. Отворањето се случи во понеделникот во 12 часот на пладне на плоштадот преку танц и песна. Настапуваше хор, по кој што следуваше настапот на флеш моб група како и бендовите од СУГС „Јосип Броз-Тито”, СУГС „Никола Карев”, СУГС „Орце Николов”, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин” и СУГС „Геогри Димитров”.
Вечерта, ги проследивме уметничките дела на учениците на изложбата одржана во КИЦ. Денот беше заокружен со театарската престава на СУГС „Геогри Димитров” – „Aпел за…”.
Следниот ден се случија театарските претстави изведени од учениците од СУГС „Орце Николов” -,,Let’s dance” и од СУГС „Јосип Броз-Тито” – „Слична спротиставеност”.
Во средата своите актерски способности ги покажаа и учениците од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин” со претставата „Чекајќи го…” и СУГС „Никола Карев” – „Јас сум Нина”.
Во петокот пак во КИНО ФРОСИНА – МКЦ беа прикажани документарните филмови за градот Скопје каде навистина беа забележливи креативноста и талентот на учениците.
Финалето на СРЕДНОЛЕНД се случи викендот на Школка во Градскиот парк каде учествуваа хорот, бендовите на петте училишта кои се претставија со различни жанрови на музика: рап, поп и рок. Учениците исто така се претставија и со стендап – пред секој настап беа прикажани скечеви во кои глумеа учениците, сцените беа специфични за училиштето кое настапува. Додека минувачите и присутните на настанот уживаа во музиката, имаа шанса и да ги видат цртежите на учениците како дел од ликовната изложба, но и затворањето на овој прекрасен настан.
СРЕДНОЛЕНД ќе остане во сеќавањата на младите како недела на многу искуства и моменти исполнети со чувство кое никогаш нема да биде заборавено. Со песни за љубовта, танци со висока усогласеност и претстави преплавени со емоции, овој настан претставува слобода на творењето и одличен приказ на потенцијалот на училиштата.
Автор: Јована Вуковиќ, СУГС „Јосип Броз-Тито”