Активирај се |

Струшките средношколци бараат почисти плажи

feat-img

„Ѓубрето – дефинитивно. Кога е вон сезона, може да кажеме дека плажите се пристојни. Но, кога ќе надојдат туристи, полно е со ѓубре. Не разбирам зошто не го фрлаат во канта?!“. Ова е првата мисла што ја споделија средношколците од медицинското училиште „Нико Нестор“ од Струга кога ги прашавме што е за нив најголемиот еколошки проблем во градот.

Греса Клења вели дека честопати ги собира отпадоците што зад себе ги оставаат луѓето кога ќе заминат од плажата. „Земам ќеса и го собирам. Не можам да го гледам така расфрлано!“, вели младата поетеса.

Средношколката Греса Клења апелира туристите да си го собираат ѓубрето кога ќе ја напуштат плажата

„Кога се капиме в езеро, се плашиме да не згазнеме на стакло и да се исечеме“, вели средношколецот Усеин Брауер.

Усеин Брауер ќе биде дел од групата ученици од средното училиште „Нико Нестор“ од  Струга кои заедно со активистите од КАБ Струга 2017 ќе чистат дел од струшкото крајбрежје

Не е само крајбрежјето валкано. Емир Гега од с. Мислешево вели дека во околината има многу диви депонии. „Прво што паѓа в очи кога ќе влезете во селото се купишта ѓубришта. Колку и да се чистат, жителите си се навикнати тука да фрлаат“ – вели Гега.

Емир Гега бара да се исчистат дивите депонии во с. Мислешево

Неговата соученичка Аниса Узеири вели дека не слушнале некој да биде казнет за загадување. Овие млади луѓе имаат што да им кажат на надлежните. Особено кога Струга ќе ја поклопи чад од палежи на депонијата. „Смрди и чади од секаде“, вели Аниса. На Струга и фалат повеќе дрва. „Би побарала од локалната власт да имаме повеќе контејнери или канти за отпадоци. Особено на плажите.“

„Би побарала од локалната власт да имаме повеќе контејнери или канти за отпадоци. Особено на плажите“, вели Аниса Узеири, средношколка во „Нико Нестор“ – Струга

Аниса заедно со своите соученици следните месеци и професорот Ндерим Положани кој истовремено е и активист во планинарското друштво „КАБ Струга 2017“ ќе прават кампања од јавен интерес „Почист град заедно со младите“ упатена до граѓаните и до локалната власт за поголема еколошка свест и заштита на езерото.

„Преку оваа иницијатива сакаме да постигнеме две поенти. Првата е да направиме притисок до локалната власт да биде потранспарентна во трошењето на општинскиот буџет, особено парите за заштита на животната средина. Втората е што заедно со учениците ќе испратиме апел до жителите на Струга да се грижат за околината и езерото. Тоа ќе го направиме и со личен пример кога заедно со учениците ќе направиме акција на чистење на дел од струшкото крајбрежје“, вели младиот професор по биологија Положани.

Професорот Ндерим Положани очекува поголема транспарентност од Општина Струга за трошењето на буџетските средства за заштита на животната средина. Тој ја координира кампањата од јавен интерес „Почист град заедно со младите“ што ќе ја реализираат учениците од „Нико Нестор“ Струга и планинарското друштво „КАБ Струга 2017“ 

Иницијативата на „КАБ Струга 2017“ и на средното училиште „Нико Нестор“ е една од шесте добитнички на мали ЕУ грантови што ги доделуваат Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво, како дел од европскиот проект Локални политики за заштита на животната средина.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Фотограф: Томислав Георгиев

Оваа содржина е изработена во рамки на проектот: „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ што го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонско еколошко друштво, со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).