Технологија: Внимавај кој волк го храниш!
17-годишна девојка од Македонија завршила со сериозни изгореници по телото и била однесена во Ургентен центар, откако добила струен удар од жиците поставени над вагон од воз, каде се качила за да снима видео за на ТикТок…
13-годишно момче од Аргентина почина поради „blackout challenge“ (познат и како предизвик со давење) на ТикТок. Додека се снимало дошло до срцев застој…
12-годишно момче од Велика Британија беше пронајдено во кома од неговата мајка после ТикТок предизвик и на крај мораше да биде исклучено од апарати во болница бидејќи неговиот мозок претрпел сериозни повреди.
Ова се само дел од вестите кои ги вџашуваат граѓаните во Македонија и светот во ерата на паметните телефони и социјалните мрежи. Се поставуваат онлајн предизвици, се промовираат производи со непроверени состојки, се рекламираат брзи кредити…
Според истражување на платформата „Gitnux“ на тема зависност од технологија, дури 44% од младите луѓе на возраст од 14 до 19 години имаат тешкотија да направат пауза од користењето на технологија, дури и кога знаат дека треба да го направат тоа. Дури 61% од корисниците од сите возрасти се зависни од интернет. 46% од младите, пак, велат дека се речиси константно на интернет.
Овие бројки се доказ дека зависноста од технологијата станува растечки проблем во општеството. Социологот Татјана Стојановска Иванова вели дека ако луѓето станат зависни, расте можноста за негативен ефект на технологијата врз нивното ментално здравје.
„Кога најзначајните емоции кои треба да бидат на пиедестал – како љубовта кон семејството и кон детето, ги запоставувате, тогаш дефинитивно може да кажеме дека постои интернет зависност. Често пати сме несвесни, но ваквите примери нè освестуваат и ни ја вадат на површина потребата јавно да проговориме и да преземеме нешто, затоа што ако се продолжи со овој тип на зависност, посебно кај младите, може да имаме изгубени генерации. Последиците може да бидат катастрофални во нивниот живот подоцна“, вели универзитетската професорка Стојановска Иванова.
Загрижувачки е и што секој може да стане инфлуенсер и да има влијание врз другите, смета Огнен Јанески, амбасадор против говор на омраза на Советот на Европа и ЕУ. Тој вели дека инфлуенсерите имаат сериозна одговорност кога станува збор за нивното присуство на социјалните мрежи.
„Сосема е различно да вршите продажба на производи преку вашите профили, а сосема друго е да имате влијание врз социјалните текови за политички и граѓански случувања. Мора уште во образованието да ги научиме младите на препознавање и на правење разлика на тоа што е, како е и зошто е некој инфлуенсер, односно влијателен“, вели Јаневски.
Иако познавачите предупредуваат на опасносите, во исто време велат дека ако онлајн медиумите и социјалните платформи се користат одговорно, можат да бидат многу корисни.
Сепак, технологијата е нашата иднина
Достапноста до технологијата овозможува олеснета комуникација, личен и професионален развој, поголеми бизнис можности и да се биде во тек со брзите општествени промени. Нејзиниот позитивен аспект особено се покажа за време на пандемијата од ковид, кога се зголеми обемот на онлајн бизниси и купопродажба на производи и услуги. Благодарение на технологијата и дигитални едукативни игри, децата можат полесно да учат да пеат, пишуваат, цртаат, читаат, зборуваат на мајчиниот или други јазици. Луѓето со попреченост, пак, добиваат олеснет пристап до информациите и услугите. Младите освен што ги користат дигиталните уреди и платформи за социјализација и забава во слободното време – играње игри, гледање филмови, слушање музика, им се отвораат и нови можности за онлајн учење и работење.
Во време на обемно користење на технолошките уреди во секојдневниот живот, познавачите препорачуваат дека луѓето, особено младите, треба да умеат одговорно да ја користат технологијата односно дека треба да се зголеми дигиталната писменост. Според Петар Барлаковски од Младинскиот образовен форум, тоа треба да почне од образовниот процес во кој многу повеќе ќе се опфаќа дигиталната писменост.
„Дефинитивно е потребна поголема дигитална писменост во образовниот процес поради фактот што многу малку или воопшто не се опфаќа во наставните програми. Секако, една од предностите на малите деца е фактот што растат во дигитален свет и алатки кои се достпни за нив уште во процесот на растење и примарна социјализација. Ваквата предност ќе им овозможи на овие генерации понатаму полесно да навигираат во технолошкиот свет, но тоа има и свои закани. Имено, процесот на дигитализација на образованието оди рака под рака со процесот на медиумска писменост. Оттука сметам дека освен дигиталната писменост, од исклучителна важност е и медиумската писменост“, вели Барлаквоски за МИА.
Познавачите укажуваат дека само со вештини и знаења како правилно да се користат дигиталните уреди и платформи можат да се избегнат ризиците кои тие ги носат и да служат за личен и напредок во општеството.
Авторки: Симона Чинго, Симона Димовска, Селма Косовиќ
Текстот е изработен како дел од Мастер часовите за медиуми и новинарство, кои ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.