Традиционалните вредности не познаваат разлики
„Традиционалните вредности не познаваат разлики” е насловот на проектот преку кој учениците од гимназиите „Јосип Броз Тито“ од Скопје и Приватната Француска гимназија од Тирана имаа седумдневна прилика меѓусебно запознавање, надминување и рушење на сите недоразбирања и стереотипи.
Овој проект имаше за цел двете училишта да спроведат активности во нивните две земји, оособено соочувајќи се и надминувајќи ги проблемите кои се во насока на недоразбирање на потребите, желбата за надминување на трансгенерациските предизвици (траума, сиромаштија, нарушено ментално здравје) и желбата за автентичен живот ослободен од предрасуди и нецелосно знаење и искуство.
Од најголема важност е учениците да комуницираат меѓусебно и да дојдат до заклучоци врз основа на искуства од изразени можности за постигнување автентично прифаќање на себе и на другите, како свесно и спонтано функционирање во рамките на врсничката група и општеството, сето тоа засновано на меѓусебно прифаќање и разбирање на различноста. Тие имаат постојана потреба да се отворат, да веруваат, но немаат можности или се оковани од сеприсутниот страв од последици и недоразбирања. Очекуваме поврзување меѓу учениците, со адаптирање во секаква средина, без разлика на националност или социјален статус еднаков пристап кон која било личност, зошто најпрво сите сме луѓе, а потоа следат зад нас титулите кои не красат, велат професорките Емилија Величкова и Даниела Арсова.
Воедно беа спроведени и работилници преку кои учениците од двете земји се едуцираа за нивните култри, а преку посетата на голем број културни споменици беа срушени и најмалите стеретипи кои биле можеби само општествено наметнати.
Во склоп на проектот, учениците имаа можност да остварат средба со експерт од Институтот за комуникациски студии, која преку светот на медиумите ги запозна учениците како да препознаат дезинформација. Воедно претставници од „Види вака“ ја приближија реалноста за снимање видеа, поткасти и начинот на кој е потребно да се следат, слушаат и примаат информациите. Проектот беше поддржан од RYKO, организација која има за цел да ги препознае, поттикне и помогне на сите млади луѓе на териоторија на Западен Балкан, кои сакаат да направат нешто повеќе за истакнување на себе и својата земја.
Автори: Матеја Коруноска и Ема Методиева, ученички во СУГС „Јосип Броз Тито“