Активирај се |

Тренираат на ливада и меѓу овци – сонуваат за македонскиот дрес

Тринаесет годишниот Стојан Поповски од Ново Село, струмичко вели дека кога е на теренот се чувствува како Лионел Меси,бидејќи е левучар. Неговата реалност е дека фудбал игра на ливада, но во мислите е со трофеј во рака.

Но, Столе со мечтите не е сам. Истиот сон го сонуваат уште 70 деца од струмичко Ново Село.

Во подножјето на планината Огражден во Струмичкото Поле, е сместена општина Ново Село. Според последниот попис од 2021 година, во неа живеат 6.972 жители, 130 од нив се деца кои активно тренираат спорт и имаат големи соништа. Одделенскиот наставник по физичко, Миле Ѓоргиев заедно со уште неколкумина другари, во речиси никакви услови, се обидува да ја одржи надежта на стотици деца.

Од големата желба за успех не ги гледаат проблемите

На нерамната ливада, оградена со полуоштетен метал и со импровизирана врата, 70-тина момчиња секојдневно доаѓаат преку кал и неискосена трева. Соблекувални немаат, но важно е дека имаат копачки и соодветна облека. Метални рамки има, но мрежа за гол нема. Трибини се мисловна именка, а најчеста публика е добитокот кој се напасува во околината. Но, што е сето ова во споредба со детскиот сон?

„Сон ми е да играм на Камп ноу“, вели Стојан Поповски.

„Јас би сакал да играм на спортскиот терен во Скопје“, додава 12-годишниот Давид Стоилков.

„Јас сакам да бидам како Мирче, брат ми“, се надоврзува петгодишниотХристијан Делев.

 Топката е тркалезна, па се тркала и на лошиот терен во струмичко Ново Село. Не се жалат, но ако има кој да ги чуе, имаат малку желби.

„Да има трибини, да се стават мрежи на головите и толку. Еднаш игравме тука фудбал. На таа страна не можевме да играме, бидејќи имаше камиони, игравме тука на еден гол и едно дете шутна многу јако и топката отиде долу во дрвјата“, вели Давид.

„Не претставува многу голем проблем, но некогаш топката отскокнува. Тоа ја менува насоката на движење на топката“, вели Стојан.

И тренерите се ентузијасти и не се откажуваат. Убедени се дека овој крај има посебна моќ да создаде светски ѕвезди и оти некој ќе има слух да им помогне на овие деца да го надградат својот талент.

„Има многу недостатоци, мислам дека доста работи фалат. Генерално не е толку лошо и пробуваме да ги подобриме работите. Условите беа многу полоши од тоа што се! Теренот не е во најдобра состојба“, вели Александар Ефтимов, спортски тренер.

„Постојано имаме барања, во Општината се јавуваме речиси секој ден, се обидуваме да имаме соработка. Ние имаме соработка, но има моменти кога сакаат да ни помогнат, но не знаат на кој начин, бидејќи Ново Село како да беше оддалечено од спортот многу време. Луѓето ја пуштаа стоката овде, овци, бидејќи им е заградено овде, нема каде да им бегаат и претежно се користеше за тоа пред да почнеме да го користиме теренот“, додава Миле Ѓоргиев, спортски тренер.

Фудбалскиот натпревар вообичаено трае 90 минути, но не и овде, оти срамежливото сонце и ѕуницата не успејаа да ги растераат тешките облаци. Заврна! Крај на тренингот! Разочарување кај младите фудбалери, но и надеж дека утре ќе ги послужи времето.

Бараат само основни услови за да го остварат својот сон

Малку подолу, 60 девојчиња тренираат одбојка во спортската сала „Христо Татарчев“. Се чини дека тие имаат повеќе среќа оти се на затворено. Големиот објект е од 2015 година, дел од проектот со кој се направија 180 спортски сали низ земјава. Името и е големо, но кога ќе заврне, прокиснува од секаде. Ѕидовите „плачат“ и на најмал дожд, подот е оштетен, мириса на влага, но за младите одбојкарки тоа не е пречка.

„Па што ако тече, тоа не ни е проблем. Интересна ми е одбојката, имаме различни активности во неа, учиме различни работи“, тринаесетгодишната Ивана Јорданова.

И тие сонуваат еден ден да ја претставуваат Македонија.

„Би сакала да постигнам голем успех во одбојката и да играм за Македонија“, вели нејзината врсничка Јована Стојанова.

Истата желба ја има и 11-годишната Тамара Ѓеоргиева.

Желбата не познава граници, па дури ни во струмичко Ново Село. Од Општината се горди што толкав број деца спортуваат, но за да им овозможат повеќе услови велат дека немаат пари.

„Во спортската сала поставивме нови прозорци и врати, како и во делот на соблекувалните кои беа доста оштетени и руинирани. Средствата се обезбедени од страна на општината колку што беше во можност“, вели Дејан Боев од Општина Ново Село.

Во две децении, меѓу двата пописа, бројот на жители во оваа општина е преполовен. Овие 130 вљубеници во спортот и во Огражден бараат само основни услови за да го остварат својот сон – да ги бранат боите на Македонија во светот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Давид Милошевски