Активирај се | Создадено од вас |

Валандово: Ученици и професори развиваат бизнис со калинки и јапонски јаболка

feat-img

Ученици и професори произведуваат сок и ракија од калинка од дрвја кои самите ги одгледуваат, а јапонското јаболко го одгледуваат и продаваат како свеж продукт. Наскоро ќе почнат да произведуваат и сушени јапонски јаболка во рамки на компанија која ја имаат отворено во училиштата.

Здравје од Валандово: калинки, грозје, јапонски јаболка и маслинки

Кога ќе се каже дека младите немаат амбиција и мислат само на забава како спротивност треба да се земе искуството и трудот на учениците и професорите по стручни земјоделски предмети од средното училиште „Гоце Делчев“ од Валандово. Тоа прво функционираше само како земјоделско училиште, но сега и практично го применуваат она што го учат преку насадите кои ги подигнаа од калинки и јапонски јаболка и преку училишната компанија стекнуваат вредно претприемничко искуство. 

Тие велат дека калинката во валандовскиот крај е донесена уште во антиката, од Римјаните за време на војната со Фениќаните. Првите насади на калинкови дрвја на овие простори потекнуваат дури од 1570 г. Постојат повеќе видови на калинка од кои се издвојуваат: бејнарија, зумнарија, карамустафа, лифанка. Калинката отсекогаш била барана на пазарот поради својата сочност и поради полезните својства од нејзино консумирање-велат постарите валандовчани.

Кората од калинката може да биде искористена за чаеви, а од зрната валандовчани прават освежителен и вкусен сок од калинка. Калинката со нејзините својства кои ги содржи е многу корисна за различни заболувања: во спречување на рак на дојка, на простата, на дебело црево, срцеви заболувања, леукемија и тумори. Калинката треба да биде дел од вашето секојдневно ,,консумирање на храна” мени. Ова овошје содржи витамини К, Ц, фолна киселина, бакар и калиум.

Сок од калинка произведен во училиштето

Јапонското јаболко пак во валандовскиот крај доаѓа во педесеттите години на минатиот век. Првиот насад бил подигнат во 1956 г. од садници кои ги донел од службено патување во Кина тогашниот претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија – Лазар Колишевски.

Дел од првите најстари садници од 1956 г. во новиот насад подигнат во 2018 г.

Поради жолтата боја народот го нарекол јапонско јаболко и тој назив е познат само во Македонија. Го нарекуваат „каки“ или „рајско јаболко“. Јапонското содржи минерали, најмногу селен. Поради застапеноста на антиоксидансите својства на овој минерал, по катастрофата во Чернобил, од Валандово биле извезени големи количини на јапонска јаболка во овој регион.

Автори: Мартин Петров и Сања Ѓеорѓиева, СОУ „Гоце Делчев“ Валандово.