Од нацистички слогани до сајбер-трупи: Еволуција на политичката пропаганда 

Пред илјадници години ја користеле религиозните водачи и кралевите за да ги убедат обичните луѓе во нивните натприродни моќи. Хитлер ја користел за да ги убеди Германците во нивната супериорност во однос на останатите народи и за да ги зарази со нацистичката идеологија. Бугарија денес ја користи за да прикаже дека Македонија ги угнетува граѓаните кои се чувствуваат Бугари и на тој начин пред меѓународната заедница да ги оправда неразумните политики на негирање на македонскиот јазик и историја. Од нејзиното раѓање до денес, политичката пропаганда ги менува каналите по кои допира до масите, но останува најголем непријател на вистината.

Од фараоните до нацистите

Археолошките остатоци од древните цивилизации покажуваат дека блескава облека и палати, импресивни статуи, храмови и други обележја, но и правни и религиозни аргументи биле користени многу пред почетокот на нашата ера за да се убедат обичните луѓе во наводната величина на кралските лози и свештениците. (Еволуција на теоријата на пропагандата, „Британика“).

„Веројатно, голем дел од она што беше кажано во антиката беше искрено, во смисла дека основните религиозни и општествени претпоставки беа толку целосно прифатени што гласноговорниците на воените лидери, свештениците на фараоните и нивната публика веруваа во сè или поголемиот дел од она што беше соопштувано и оттука не размислувале или теоретизирале многу за алтернативни аргументи или средства за убедување“, се вели во „Британика“.

Што е пропаганда?

Според оваа енциклопедија, пропагандата се дефинира како систематски напор да се манипулира со туѓите верувања, ставови или постапки со помош на симболи (зборови, гестови, транспаренти, споменици, музика, облека, обележја, фризури, дизајни на монети и поштенски марки итн.) Пропагандистите имаат одредена цел или збир на цели. За да ги постигнат, тие намерно избираат факти, аргументи и прикази на симболи и ги прикажуваат на начини за кои мислат дека ќе имаат најголем ефект. За да го максимизираат ефектот, тие може да испуштат или да искриват релевантни факти или едноставно да лажат.

Систематската, одвоена и намерна анализа на пропагандата, барем на Запад веројатно започнала во Атина околу 500 п.н.е., како проучување на реториката (грчки: „техниката на ораторите“). Триковите за користење на специфичен јазик, внимателно проценет хумор, умешна пријатност, соодветни мешавини на логични и нелогични аргументи и ласкање на толпата биле практика на тогашните демагози и политичари. Учителите како што се Исократ, Платон и Аристотел составиле правила за реторика со кои при изразувањето аргументите станувале поубедливи, контрапропагандата против противниците била поефективна, а учениците полесно детектирале логички заблуди кај демагозите.

Крај за историјата базирана на факти

Историјата запре во 1936 година, потоа имаше само пропаганда. Ова е став на британскиот писател и новинар Џорџ Орвел кој како сведок на настаните во Шпанската цивилна војна и на подемот на нацизмот прв пат заклучил дека тогашните медиуми објавувале содржини кои немале никаква поврзаност со фактичките случувања.

Џорџ Орвел: „Видов дека историјата не се пишува според тоа што се случува, туку според она што различни страни сметаа дека требало да се случи“ | Извор: intellectualtakeout.org

„За мене ова е застрашувачки, бидејќи често ми дава чувство дека самиот концепт на објективна вистина исчезнува од светот. На крајот на краиштата, големи се шансите тие лаги или во секој случај слични лаги, да поминат во историјата… Сепак, на крајот на краиштата, ќе биде напишана некаква историја, а откако оние кои всушност се сеќаваат на војната ќе бидат мртви, таа ќе биде универзално прифатена. Така, за сите практични цели, лагата ќе стане вистина“., пишува Орвел во својот есеј „Навраќање на Шпанската војна“ (Looking back on the Spanish War).

Иако можеби за момент неговиот став изгледа како малку претеран, всушност тој е повеќе од оправдан, а најдобар доказ за тоа е што денес Македонија ги ревидира учебниците по историја по барање на Бугарија. При тоа, фактите ги „пегла“ комисија која е создадена со политичка цел и никој не може да гарантира дека „новата историја“ нема да биде напишана под политички притисоци.

Хитлер – еден од татковците на модерната политичка пропаганда 

Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер се смета за еден од основачите на модерната политичка пропаганда со оглед на тоа што изградил машинерија која користела повеќе различни канали и методи за ширење на нацистичката идеологија. Хитлер, поранешен војник, се приклучил на новоформираната Нацистичка партија во септември 1919 година и станал нејзин прв директор за пропаганда. Неговите вештини како јавен говорник го зголемиле профилот на партијата и привлекле нови членови.

Адолф Хитлер за своите говори се подготвувал како актер и освен што работел на усовршување на своите ораторски вештини, тој вежбал гестикулација и движење на телото | Извор: Меморијален музеј на Холокаустот во САД

Хитлер верувал дека Германија ја изгубила Првата светска војна поради внатрешните непријатели – Евреите, социјалистите, либералите и другите цивили и поради сојузничката пропаганда, за која сметал дека ја ослабнала германската волја за борба. Тој ја искористил неповолната економска состојба во која се нашла Германија по Големата депресија, како и големите обесштетувања што требало да ги платат Германците по поразот за да ја „продаде“ неговата вистина на германскиот народ.

За тоа не бирал канали и освен преку говори на јавните настапи користел симболи, постери, радио, пропагандни анимирани, документарни и играни филмови, но и терор.

Хитлер сам ја дизајнирал нацистичката свастика и преку постери сакал да биде претставен како лидер кој ќе ја спаси Германија | Извор: Меморијален музеј на Холокаустот во САД

Во централното место на нацистичкото знаме е свастиката, симбол кој се наоѓа во многу древни култури. Иако во Индија на пример свастиката претставувала среќа, Хитлер го трансформирал во заштитен знак на Нацистичката партија и за нацистите станала симбол за расната борба. Познато е дека оттогаш свастиката стана траен симбол на омраза.( Меморијален музеј на Холокаустот во САД)

„Новото знаме мораше да биде подеднакво симбол на нашата сопствена борба. . . . Се очекуваше да биде многу ефикасно и како постер. . . . Ефективен симбол може да биде првиот поттик кон интерес за одредено движење во стотици илјади случаи.“, пишува Хитлер во неговата книга „Мојата борба“ (Mein Kampf)

Според истражувањето на музејот, во текот на доцните 1920-ти и раните 1930-ти, нацистичките пропагандисти развиле напредни начини за привлекување гласачи. Една техника била приспособување кон публиката односно користење различни пораки за различна публика, што е основа на денешниот маркетинг.

„Нацистичката партија спроведе неформално истражување на јавното мислење за да утврди кои прашања се важни за локалните гласачи. Членовите на партијата ги истражуваа потребите, надежите и стравовите на работниците, луѓето од средната класа, жените, земјоделците и младите. Нацистичките пропагандисти потоа ги направија своите теми, пораки и јазик за да одговараат на она што луѓето најмногу го сакаат“, се вели во истражувањето на Музејот.

Хитлер сметал дека секоја ефективна масовна пропаганда мора да се сведат на мал број точки/слогани и тие да се користат како пароли.

Хитлер ја користел безработицата и овозможувањето право на глас за женската популација за да привлече повеќе гласачи, а преку постери се обраќал и до студентите, фармерите и други категории граѓани.

Пирс Брендон во „Гардијан“, пишува дека всушност откако ја преземал власта, Хитлер ги распоредил сите државни ресурси и модерна технологија за да ги контролира германските умови.

„Тој комуницираше со хипнотичка директност преку новите медиуми – радиото и киното – филмот на Лени Рифенштал, „Триумф на волјата“, ја трансформираше пропагандата во уметност“, пишува Брендон.

Познато е дека Хитлер подоцна го ангажира Јозеф Гебелс како главен пропагандист со цел да наметне идеолошка униформност во Германија. Тој добил прекар „Махатма пропаганди“.

Бидејќи радио-приемниците биле скапи за „обичните луѓе“, под водство на Гебелс било произведено првото „радио за народот“ за да може пораките на нацистите полесно да стигнат до секој дом

Како што пишува „Гардијан“, во ширењето на пропагандата не останал покус ниту советскиот лидер Јосиф В. Сталин. Радио Слободна Европа ги анализира политичките слогани и постерите на нацистите и на комунистите во Русија при што се забележува неверојатна сличност. Всушност, по почетокот на Втората светска војна и сојузниците почнуваат да користат различни видови контрапропаганда, а меѓу нив и анимирани филмови.

Звучи познато?

Методите и каналите за пропаганда што ги востановиле нацистите денеска се‘ уште наголемо се користат во политичкото секојдневие во светот. Исклучок не е Македонија каде политичките партии вршат континуирана пропаганда без оглед дали се на власт или во опозиција. Пропагандата во земјава вообичаено се заострува пред изборите кога се држат митинзи на кои нашите политичари демонстрираат ораторски способности, се лепат постери во боите на партиите и со партиските лидери, а на радијата и телевизиите се вртат џинглови и спотови со политички пораки. Тие не се разликуваат многу од оние на нацистите и секогаш нудат подобар живот за работниците, жените, студентите, земјоделците…

Сајбер-трупи

Ако во минатото главни канали за ширење на политичка пропаганда беа јавните настапи, постерите, радиото, театарот и филмот, по појавата на Интернетот таа наголемо се сели на социјалните мрежи. Таканаречената компјутерска пропаганда денес е еден од главните механизми за манипулација на јавното мислење. Владите и политичките партии смислуваат стратегии, одвојуваат ресурси и користат различни алатки за да можат преку Интернет да влијаат врз расудувањето на граѓаните.

Тоа го покажува истражувањето „Глобален поредок на дезинформациите“ спроведено од Саманта Бредшо и Филип Н. Хауард од Универзитетот Оксфорд.  Во периодот од 2017 до 2019 година тие вршеле мониторинг на социјалните мрежи и ги анализирале трендовите во онлајн пропагандата на глобално ниво. Во 2019 година успеале да најдат докази за организирана манипулација преку социјалните медиуми во 70 земји, што е забележително зголемување во однос на претходните години (48 земји во 2018 година и 28 земји во 2017 година). Во секоја од 70-те земји, меѓу кои и Македонија имало барем една политичка партија или владина агенција коишто ги користеле социјалните медиуми за обликување на ставовите на јавноста.

 

Британските научници констатираат дека иако пропагандата отсекогаш била дел од политичкиот дискурс, длабокиот и широк опсег на онлајн кампањите што ги спроведуваат властите и политичките партии имаат загрижувачки размери.

„Употребата на компјутерска пропаганда за обликување на јавните ставови преку социјалните медиуми стана мејнстрим и се протега многу подалеку од постапките на неколку лоши актери“, се вели во истражувањето.

Станува збор за разработени пропагандни механизми при што се користат таканаречени сајбер-трупи (човечки ресурси, но и алгоритми односно политички ботови) за да се манипулира јавното мислење. Техники кои вообичаено се користат од политичките субјекти се засилен говор на омраза, нелегално собирање лични податоци и микро-таргетирање односно користење армија од „тролови“ за малтретирање и оцрнување политички неистомисленици и новинари.

Македонија – извор и цел

Во рамките на ова истражување, се направени студии на случај за повеќето земји кои биле под мониторинг за политичка пропаганда преку социјалните медиуми. Во студијата за Македонија, се констатира дека нашата земја стана светска сензација откако беше обелоденето дека тинејџери во Велес воделе голема кампања за лажни вести за време на претседателските избори во САД во 2016 година, вклучувајќи над 100  веб-страници и профили на „Фејсбук“ за поддршка на Доналд Трамп.

„Пред европските избори во 2019 година, Македонија беше една од клучните земји на списокот за следење на Фејсбук на земји кои имале „координирано неавтентично однесување“ на странски избори. По договорениот Кодекс на однесување  со Европскиот парламент да објавува месечни извештаи за актите преземени за борба против дезинформации, „Фејсбук“ во март 2019 година откри дека отстранил 212 профили во Македонија и Косово“, се вели во студијата.

Во однос на пропагандата на домашно тло, истражувачите меѓудругото посочуваат дека во септември 2018 година, во земјата се одржал референдум за преименување на државата во Република Северна Македонија, а во согласност со договорот од Преспа со Грција.

„Додека 92 отсто од гласачите гласаа за промена на името, само една третина од гласачите со право на глас излегоа на гласање што во голема мера се припишува на ефективната кампања за бојкот спроведена онлајн и офлајн, која беше поддржана од политички групи“, пишува во студијата.

Во неа се наведуваат разузнавачки извори, според кои Македонија во предвечерјето на референдумот била предмет на голема кампања за бојкот во чии рамки преку социјалните мрежи ботови и тролови ширеле дезинформации со анти-ЕУ и анти-НАТО пораки. Според наодите презентирани од Германскиот Маршалов фонд, околу 40 Фејсбук профили биле креирани секој ден во неделите пред референдумот со единствена цел да се засили бојкотот. Истовремено, на „Твитер“, хаштагот „#бојкотирам“ бил спомнат повеќе од 24.000 пати и твитуван повеќе од 20.000 пати. Значителен дел од сметките што го споделувале овој хаштаг, според анализата, биле создадени во август 2018 година.

Двете страни на паричката

Кога е во прашање референдумот  не треба да се заборави дека македонските граѓани беа подложни на пропаганда и во обратна насока. Во тој период власта и претставници на меѓународната заедница манипулираа со јавното мислење за да се обезбеди поддршка за промена на името.

Всушност, манипулацијата почна со самата најава за референдумот, кој првично беше претставен како обврзувачки, а потоа стана консултативен. Власта спроведе голема кампања под името „Излези за европска Македонија“ преку сите можни канали за комуникација, вклучително и социјалните мрежи. Во кампањата не се бираа зборови при презентирањето на придобивките од евроинтегративниот процес при што беа изнесени и многу лаги.  

Пораката „Членство во ЕУ за бесплатни здравствени услуги низ цела Европа“ стана предмет на потсмев кај македонските граѓани 

Од аспект на манипулација на јавното мислење проблематично беше и самото прашање на референдумот кое гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Со ваквата формулација односно изоставувајќи го фактот дека ќе се менува уставното име на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија власта очигледно се обиде да избегне емотивна реакција кај граѓаните.

Подоцна се покажа дека гласот на граѓаните и не е толку важен. Иако Државната изборна комисија го прогласи референдумот за неуспешен поради слабата излезност, власта продолжи со процесот на промена на името на државата.

Време на „евтина пропаганда“

Македонија денеска е членка на НАТО, но не и на Европската Унија. Како што е веќе познато, ветувањето на домашните и на странските политичари дека промената на името на државата автоматски ќе донесе зачленување на нашата земја во ЕУ не се исполни. Првично, пречка беше ветото од Франција, која од нејасни причини реши да го закочи почетокот на преговорите за членство на Македонија во унијата, а денес зачленувањето го проблематизира Бугарија, која отворено го негира  македонскиот јазик и историјата на македонскиот народ.

Нашата соседна земја со децении даваше отворена и безусловна поддршка за евроинтегративниот процес на Македонија за на крајот да се покаже дека ќе биде главен кочничар. Сега Бугарија се обидува да ги оправда своите постапки пред меѓународната заедница повторно користејќи различни методи за пропаганда. Таа преку поединечни главно исценирани случаи се обидува да прикаже дека Бугарите се угнетувани во Македонија и бара тие да бидат внесени во македонскиот Устав иако според последниот попис од 2021 година, кој е спроведен по меѓународни стандарди само околу 3.500 жители во земјава се чувствуваат Бугари.

Можеби во иднина научниците кои се занимаваат со истражување на начините за манипулација на јавното мислење ќе треба да го воскреснат терминот „евтина пропаганда“. Покрај него, слободно би можеле да стојат примерите на јавно доделување на бугарско државјанство на граѓанин на Македонија кој тврди дека бил жртва на насилство само затоа што се чувствувал како Бугарин.