Активирај се | Создадено од вас |

Ана Костовска: Младите да ја донесат културата

feat-img

Кога станува збор за мојата омилена улога во Драмски театар, тоа е улогата на кметницата во мојата дипломска претстава „Соблажна во Сентфлоријанската долина“ од Иво Цанкар, а во режија на мојот професор Владимир Милчин.

МЕДИУМ: Што работите во моментов и која улога досега Ви е најомилена?
АНА: Во моментов сум во Скопје, не работам ништо затоа што сум игнорирана и маргинализирана во институцијата каде што сум вработена. Мојата последна улога беше во претставата „Библија“ на Срѓан Јаниќијевиќ, којашто се одигра два-три пати.

МЕДИУМ: Колку е театарот популарен помеѓу младите?
АНА: Според моите согледувања, младите поим немаат од театар, се разбира, со чест на исклучоците. И тие не се виновни за тоа. Бомбардирани се со површни содржини на сите страни, „риалити шоуа“ и фолк хистерии, а од театарот добиваат, речиси исто, историско-националистички патетици и што е најстрашно, лажни памфлети, евтини засмејувачки „драмулетки“ каде што врв на духовитоста е пцуење и спомнување гениталии. Малку од тинејџерите знаат за Шекспир, Молиер, Брехт. Во најдобар случај, избраните меѓу еднаквите ќе можат да одат во новиот „театар за елитата“ за да гледаат прекопирана провинциска лакрдија за тоа колку се гламурозни гангстерите од Чикаго, колку се секси кога танцуваат и пеат со пиштоли во рацете, а уште кога и фустаните им светкаат… Сочувствувам со тинејџерите, светот не им се погоди, а театарот уште помалку. Од друга страна, пак, искуството ме учи дека лоши времиња изнедруваат силни луѓе. Да се надеваме дека тие млади ќе ја донесат културата со времето што доаѓа.

Автор: Александар Самарџиски