Активирај се | Создадено од вас |

Омилената песна ја напишав на час по биологија

feat-img

Денес е студент по психологија, а тинејџерските години, покрај по спомените од средно, ќе ги памети и по тоа што во тој период заедно со неговите другари ја оствариле желбата, формирале музички бенд.

По повеќе од шест години постоење, бендот со којшто настапува е препознатлив меѓу скопската публика. Лука Ѓорѓиевски е вокал и гитарист во „Фанк шуи“. Тој, заедно со другарите од алтернативниот бенд, Давид Николовски (на тапани) и Михаил Намичев (бас-гитара) на почетокот на мај настапи на затворањето на првиот средношколски фестивал „Конект“, кој се одржа во четири средни училишта во Скопје и во Градскиот парк.

FACA NA MESECOT FUNK SHUI Luka2Што го окупира твоето секојдневие во последниов период?

Новиот засилувач на звук. Тоа е засилувач со каков што свирел Џими Хендрикс. Со истиот и бендот „Ред хот чили пеперс“ (Red  Hot Chili Peppers) го имаат свирено албумот „Блад секс шугар меџик“ (Blood Sex  Sugar Magik). Имав среќа. Не знам дали знаете колку вреди, но јас успеав да го најдам за само сто евра.

Ги спомна „Ред хот чили пеперс“. Имаш ли омилена или која песна од нив најчесто ја свириш?

Не можам да издвојам која ми е омилена песна, но можам да кажам која во последно време многу често ја свирам. Тоа е песната „Соул ту сквиз“ (Soul to Squeeze).

Кога станува збор за песните на твојот бенд, која ти е најдрага?

„Улица 22“. Тоа е улицата на којашто секогаш се враќам и каде што ги поминав првите четири години од животот. Поточно, станува збор за улицата Сава Ковачевиќ, број 22, што се наоѓа во Припор. Песната ја напишав на час по биологија во средно. Се сеќавам дека тоа беше кога учевме за централен нервен систем. Мислам дека тоа беше и моментот кога сфатив дека сакам да студирам психологија.

Ја слушаш ли сопствената музика?FACA NA MESECOT FUNK SHUI Luka4

Да, си ја слушам музиката. Но многу ретко можам да уживам во неа, затоа што сум секогаш критички настроен. Се преиспитувам цело време. Така е со сѐ што правам и мислам дека така треба и да биде. Веројатно кога не ја правиш сам музиката, кога е твој само текстот или пеењето би можел да уживаш повеќе во песната.

Каде би сакал да свириш?

Во „Ројал Алберт Хол“, кружната концертна сала во Лондон. Таму, но и на секој покрив. На кој било покрив, од која било зграда, каде што ќе може да дојде публика и да ни биде убаво на сите.

Освен во психологијата и музиката, во што друго уживаш?

Многу пливам, а обожавам и да играм кошарка. Играм со голема страст, само тогаш ми се пројавува желба да се натпреварувам. Инаку, по природа немам натпреварувачки карактер. Исто така уживам и во возење велосипед, имаше период кога секој ден со велосипедот се искачував на Водно, без разлика дали грееше сонце или врнеше дожд.

Автори: Ана Николовска и Марија Томова, четврта година, СУГС „Георги Димитров“ – Скопје